Бегајќи од војната и несреќата која таа ја носи со себе, со единствена надеж дека некаде во Европа ќе најдат подобар живот, 14 семејства од Сирија и едно од Ирак, вкупно 61 лице, од кои половина се деца, до 14 годишна возраст, веќе осум месеци се „заглавени“ во Транзитниот центар за мигранти во Табановце, на железничкиот премин, на македонско-српската граница. Се претпоставува дека тие се од најсиромашните слоеви и немале пари да продолжат кон Германија каде што имаат роднини.
Иако надлежните во државава се обидуваат да им обезбедат основни услови за живот, Сиријките Хадет Рахав и Фозие Али, како и Ирачанката Раџа Лисау велат дека многу им е тешко и ништо не зависи од нив. Тие додаваат дека секој нов ден им носи поголемо нетрпение, неизвесност и разочарување. Но, немоќни се.
„Не ни се допаѓа, многу сме нервозни, ваков живот не е добар, но мораме, бидејќи ништо не е во наши раце. Веќе не се надеваме на ништо. Азил во Македонија не сакаме, Германија ни е надежта“, вели Хадет Рахав.
„Ние сме Курди од Сирија. Осум месеци сме тука. Што ќе се случува со нас зависи од Македонија и од Германија, од границите. Многу е тешко. Нема потешко од живот во камп. Немаме меѓусебни конфликти, на сите ни е тешко и се обидуваме да си олесниме преку дружење. Сите ја делиме истата судбина“, вели Фозие Али.
Раџа Лисауи е од Ирак, во центарот е со сопругот и со децата.
„Сакавме да заминеме во Германија, бидејќи братот на сопругот е таму. Но сега би заминале каде било. Во кампот особено се тешки хигиенските услови за деца. Надвор од оградата речиси и не излегуваме, заради нашата безбедност, така ни велат од полицијата.“
Во Транзитниот центар е поставен и мал забавен парк за деца, а СОС Детско село, УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална заштита на Република Македонија им обезбедуваат образование, за колку-толку да се оспособат, та во земјите каде што ќе заминат да можат полесно да се вклучат. За жените пак, се организираат своевидни работилници на кои тие ќе поднаучат нешто ново од кулинарството, разменуваат искуства, а и времето им поминува посодржајно.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека процесот на миграцијата е глобален проблем, ниту тоа зависи од Македонија, ниту пак решението ќе дојде од Македонија. Затоа сме упатени на регионална и на соработката пошироко. Имаме поддршка од Европската унија.
„Познато е дека јужната и северната граница имаат прогласено кризна состојба, во моментот западно-балканската рута е затворена и не функционира“, вели министерот.
Според Спасовски во двата центри ( Табановце и Гевгелија) има околу 200 мигранти, но јасно е дека кризата може секој момент да се интензивира и Република Македонија треба да биде подготвена за тоа. Тоа што не функционира рутата е дополнителен проблем заради илегално влегување на мигранти, а неодамна во селото Лојане 35 лица биле чувани како заложници.
„Генерално мигрантската криза ќе се решава со решението што ќе биде предложено од Европската унија.“
До тогаш мигрантите се принудени да живеат во бараките во центарот и да се надеваат дека некој нов ден ќе им донесе нешто поубаво од претходните.