Студенту, дали Студентскиот парламент треба да остане невладина организација како што е во моментот, е прашањето кое ќе биде поставено на утрешниот неформален референдум на УКИМ, организиран од Студентскиот пленум.
Студентскиот парламент при УКИМ да стане тело во рамки на Универзитетот, а со тоа да се зголеми контролата на парите кои оваа невладина организација ги троши, како и да има увид во начинот на кои се вршат студентските избори, е моделот за кој Студентски пленум се залага. Ѓорги Рајчиноски од Студентскиот пленум е убеден дека референдумот ќе се одвива во фер и демократска атмосфера.
„Овој референдум е важен затоа што ние веќе долги години се соочуваме со едно владеење на Студентскиот парламент како една организација која според финансиските извештаи парите ги троши на патувања и слични луксузи на сметка на студентите, додека има студенти, особено во домовите, кои живеат во мувла, растат печурки во нивните соби, на факултетите учиме во стари амфитеатри и мизерни услови, а последното што беше поттик за референдумот се студентските квази избори на кои имаше низа нерегуларности, немање избирачки списоци, немање паравани, интервенција на ЕБРД и тепање на студенти и секако крадење на избирачки материјал“, изјави Рајчиноски.
Според моделот на Студентскиот пленум, најголема придобивка ќе биде отчетноста, со помош на делегатски систем, составен од делегати од секој факултет и независни кандидати кои се залагаат за теми кои се дискутираат на Сенат. Од таму велат дека успешен референдум би бил оној кој ќе помине во фер и демократска атмосфера, а ако кон тоа се додаде поголемата излезност, успехот би бил загарантиран, но додаваат дека каков и да биде резултатот на истиот, тие ќе ја почитуваат волјата на студентите.
„Притисоци секогаш имало и ќе има, но сметаме дека студентите треба да се одважат, зашто студентот претставува движечка сила во општеството, така што не треба да потпаѓаат под какви било притисоци, затоа што и гласањето ќе биде тајно. Самите избирачки списоци нема да бидат достапни за никој, така што нема од што да се плашат, затоа што нивните лични податоци нема да излезат никаде во јавност“, уверува Рајчиновски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Став за утрешниот референдум од страна на СПУКМ не успеавме да добиеме и покрај нашите обиди да го слушнеме актуелниот претседател Давор Поповски.
Инаку, за референдумот студентите имаа можност да се информираат преку социјалните мрежи и на терен преку флаери, плакати, средби со студентите и слично. Референдумот првично беше најавен за 28 септември, но се откажа бидејќи индексите на голем број студенти беа задржани на студентски прашања поради заверка на семестар, па немаше начин тој да се реализира целосно.
Референдумот ќе се одржи утре од 9 до 17 часот, а право на глас имаат сите студенти кои со себе ќе понесат индекс или студентска легитимација. Избирачки места ќе има на сите факултети во рамките на УКИМ.