Сириски и руски воени авиони погодиле две болници во Алепо, а сириските копнени сили ги зголемиле нападите врз делот од градот кој е под контрола на бунтовниците.
Според оценките на посматрачите, станува збор за решавачка битка која може да донесе пресврт во пет годшината граѓанска војна во Сирија.
„Ова утро се разбудивме со извештаи за напади врз уште две болници во Алепо. Да бидеме јасни: оние што користат сè подеструктивно оружје знаат точно што прават. Тие знаат дека се извршени воени злосторства“, изјави генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун на седницата на Советот за безбедност, оценувајќи дека ситуацијата е полоша од кланица и оти 95 насто од лекарите и медицинскиот персонал избегале од градот или биле убиени.
Најновите снимки од Алепо постирани на социјалните мрежи покажуваат за колкави уништувања станува збор.
Шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст Петер Маурер го предупреди Советот за безбедност да биде порешителен кога се работи за заштитата на цивилите во Алепо.
„Јас ја разбирам и почитувам улогата на Советот да понуди политички ставови и определби во однос на меѓународниот мир и безбедност. Во справувањето со прашања од меѓународното хуманитарно право и неговото спроведување, Советот мора сепак да биде фактор во своите размислувања за важноста на довербата и консензусот меѓу завојуваните страни“, рече Маурер.
Рускиот претставник на состанокот, заменик амбасадорот во Обединетите нации Евгениј Загјанов изрази сомневање во врска со веродостојноста на извештаите за нападите во Алепо.
„Она што може да се види сега во медиумите претставува јавна шпекулација врз основа на страдањето на луѓето за пропагандни цели, како и да се одвлече вниманието од сопствените неуспешни политики“, рече Загјанов.
Според него, информациите често биле врз основа на непроверени податоци од страна на борци на теренот кои сакаат да ги дискредитираат активностите на сириската влада и на Русија.
Во борбите во Алепо кои траат веќе неколку дена загинале неколку стотици луѓе.
Се верува дека во опколениот дел на градот останале само уште триесетина лекари кои секојдневно се справуваат со стотици ранети.
Ескалацијата на нападите во Алепо, според сириските бунтовници, покажува дека веќе не е можно политичко решение на војната во Сирија.
Сирискиот режим помогнат од Русија на 22 септември покрена офанзива во Алепо со цел да го освојат ова упориште на бунтовниците.
До ова дојде по неуспехот на спогодбата меѓу САД и Русија за прекин на огнот, постигната во Женава во почетокот на сепетмври.
Во војната во Сирија досега загинале над 300 илјади луѓе, а неколку милиони избегале од земјата.