Неуставни и спротивни на законот се дел од барањата на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, одговарајќи на новинарско прашање. Станува збор за трите барања кои Јанева во своето излагање на собраниската комисија, каде се разгледува нејзиниот шестмесечен извештај, ги достави до пратениците. Јанева од нив побара да се направат измени на законот за заштита на сведоци, да се пролонгира рокот за истрага од 18 месеци, како и да се имплементираат препораките на Венецијанската комисија кои се однесуваат на објавување на прислушувани разговори кои се од јавен интерес.
Пратеникот Димовски, во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, испрати неколку барања до обвинителката - Јанева да се врати на комисиската расправа, затоа што, како што вели, тоа е нејзина одговорност според Уставот, законите и деловникот и да достави комплетен извештај за потрошените пари. Тој побара од Јанева и да ја повлече, а воедно и да се извини за изјавата дека Собранието е нелегитимно, затоа што во спротивност нема да ги разгледуваат нејзините барања и предлози без при тоа да навлезат во содржината на барањата. На новинарското прашање, дали доколку Јанева ги исполни нивните барања, ќе ги разгледуваат нејзините барања, Димовски посочи дека дел од барањата се неуставни.
„Вие навлегувате во содржината на предлозите и сакате да ви дадам и одговор на содржината. Прво, дел од нејзините предлози се неуставни и спротивни на закон, дел од нејзините предлози се апсолутно надвор од она што е договор врз основа на кој се воспостави надлежност за ова Специјално јавно обвинителство. Мислам дека доволно ви одговорив“, истакна Димовски.
Од друга страна, пак, СДСМ во неколку наврати досега посочи дека нивната пратеничка група ќе ги поддржи барањата на Јанева. За пратениците од владејачкото мнозинство, Специјалното јавно обвинителство е само продолжена рака на опозицијата.
Опозицијата, пак, обвинува дека власта ги користи сите правни инструменти за да се спречи на дневен ред во собраниската комисија да дојде извештајот на Основното јавно обвинителство, односно да не му се даде шанса на обвинителот Зврлевски да одговори на пратенички прашања.
„За сето она, во овие осум месеци, зошто не беа процесуирани пријавите коишто опозицијата ги поднесе во период пред да се создаде Специјалното јавно обвинителство, е на пример едно прашање. И сите други кои произлегуваат на пример од снимките како се излезени од кабинетот на Груевски, со случајот Поткуп и така натаму“, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски.
Тој посочи дека очекува одложувањето на собраниската комисија да трае до недоглед и дека не треба да се очекува дека извештаите на јавните обвинители ќе стигнaт до разгледување на пленарна седница.
Димовски, пак, смета дека опозицијата е некооперативна и дека не сака да го прифати нивниот предлог за ограничување на реплики со цел побрзо завршување на оваа расправа. Координаторот на пратеничката група на владејачката партија додаде дека ако не заврши почнатата точка од дневниот ред на седницата на Комисијата, односно расправата за извештајот на Јанева, пратениците не можат да преминат на друга точка, што значи дека постои можност за извештајот на Марко Зврлевски, републичкиот јавен обвинител, воопшто да не се дискутира. Тој во своето обраќање го обвини Специјалното јавно обвинителство за пристрасно и необјективно работење.
Во меѓувреме, за утре е најавена нова прес-конференција на која тимот на Јанева ќе соопшти детали од новата истрага именувана како Трезор.