Јанева – Ми вршите мобинг, си одам од овде

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Јанева се пожали на мобинг и ја напушти комисиската расправа

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ја напушти седницата на собраниската комисија за политички систем, поради тоа што, како што рече, пратениците и вршат мобинг. Повод за напуштањето на седницата беше дискусијата на пратеничката Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ја напушти комисиската расправа за извештајот на работата на СЈО и рече дека не се враќа повеќе на расправата, оти, како што рече, ова што и го прават пратениците е мобинг. Таа рече дека ќе се појави само на Пленарна седница во Собранието на која ќе се разгледува извештајот за работата на ова Обвинителство. Ова е четврти ден како таа им одговара на пратениците во Комисијата за политички систем.

„Мислам дека ова е класичен мобинг, ви кажувам и ве известувам дека ова е последно што ќе дојдам на комисиска расправа. Ова е последно веќе, освен на Пленарна седница не доаѓам веќе и сега ќе си одам“, рече Јанева и си замина.

Претседателот на Комисијата за политички систем Влатко Ѓорчев по нејзиното заминување даде пауза, но седницата не продолжи, оти, како што рече по паузата, обвинителката не е присутна и нема услови за седница и продолжението го презакажа за утре.

Настрана од Комисиската расправа, Собранието денеска ја почна 120-та седница, на која беше усвоен само дневниот ред, по што беше прекината. На седницата треба да се разгледува шестмесечниот Извештај за активностите на СЈО и Годишниот извештај за работата на Јавните обвинителства, но претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, по усвојувањето на дневниот ред ја прекина 120-та седница, бидејќи е потребно до пратениците да се достават извештаите од работењето на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на која се расправа за овие две точки.

„За извештајот имам специјално обраќање на Пленарната седница, ако бидеме живи да ја дочекаме таа седница“, рече на шега Катица Јанева, претходно на комисиската расправа по маратонскиот говор на пратеничката Владанка Авировиќ од час и половина, на кој потоа додаде и 20-минутна реплика.

„Сите овие луѓе што се вклучени во вашите договори се веќе со зафатена страна. Господинот Грчев веќе толку многу има дадено изјави, што ниту еден Суд нема да прифати негово вештачење, ниту еден“, рече Авировиќ.

Откако Авировиќ и Јанева влегоа во расправа за ангажманот на професор Мирослав Грчев како експерт во СЈО, Јанева рече дека во неколку наврати веќе образложиле дека Грчев е ангажиран од страна на Архитектонскиот факултет, а не од СЈО, по што реши да ја напушти седницата.

Јанева претходно рече дека извештајот е слика за работата на СЈО и дека досега никој обвинител не образложувал извештај на ваков начин, како што го образложуваше таа изминатите денови. Обвинителката рече дека ќе се изборат со сите опструкции што им ги прават.

„Јас не сум Супермен и ја сум човек, како и сите. Извештајот од 16 страни е слика за работата на Специјалното јавно обвинителство во периодот од шест месеци. Истражувањата што ги направија во јавноста во однос на тоа колку, како, какви треба да бидат извештаите на Јавното обвинителство во Република Македонија утврдија дека во изминативе 10 години никој од обвинителите нема брането на ваков начин извештај, а дека во последните пет години воопшто не е доставуван таков извештај“, рече таа пред пратениците.

Јанева го поздрави, како што рече, будењето од кома на некои институции, како Врховниот суд, Судскиот совет и Јавнообвинителскиот совет.

„Да се испита работата на овие институции и сакам да порачам, сите институции кои ја омаловажуваат работата на СЈО, во име на Уставот и законите ќе се избориме со сите опструкции и ќе се потрудиме правосудната фела да се врати во судниците и ќе почне да владее правото“, рече Јанева.

Потоа од Специјалното јавно обвинителство испратија соопштение во кое потврдуваат дека Јанева нема повеќе да присуствува на комисиска расправа, но дека ќе се појави на Пленарна седница.

„Појаснуваме дека иако предмет на разгледување на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците беше вториот шестмесечен извештај за работатата на ова Јавно обвинителство, сепак Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева транспарентно одговараше и на сите поставени прашања кои не беа поврзани со извештајот“, стои во соопштението.

На почетокот на седницата пратеникот од ДУИ Талат Џафери реагираше на говорот на претседателот на комисијата Влатко Ѓорчев, кој според Џафери, навредувал на етничка и на религиозна основа.