Загадениот воздух – тивок убиец

Илустрација

Последните истражувања на Институтот за јавно здравје покажале дека триесет до четириесет проценти од белодробните заболувања доаѓаат од загадувањето на воздухот. Околу 25 проценти од срцевите инфаркти и 35 отсто од опструктивните болести се поврзуваат со аерозагадувањето.

Аерозагадувањето не е само политички, туку и граѓански здравствено-еколошки проблем и токму затоа потребен е поголем и поорганизиран притисок од јавноста и невладините организации врз одговорните фактори, вели доктор Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје. Во неделното интервју за нашето радио, тој посочува дека голема одговорност за загадувањето сносат и граѓаните, односно нивниот однос кон возилата, јавниот сообраќај и типот на греењето, па токму затоа апелира на зголемување на свеста на јавноста за улогата што тие ја имаат во загадувањето на воздухот. Според него, греењето, регулацијата на јавниот сообраќај и урбанистичкото планирање треба да бидат во фокусот на приоритетните мерки за намалување на аерозагадувањето.

„Потребни се одредени субвенции за граѓаните кои индивидуално се грејат, треба да се направи инвентар кој се е исклучен и кој како се грее, за да се помогне куќата да дојде до енергетски ефикасни типови на греење кадешто ќе се намали значително притисокот од индивидуалните ложишта. Греењето одеднаш станува еден од најголемите проблеми на загадувањето. Исто така и сообраќајот, потребна е регулација во централниот дел на градот, а тука е и проблемот со уништувањето на зеленилото, проблем е сега како ќе се врати, тоа мора урбаното планирање да го реши“, вели Ѓоргев.

Во моментот, регистарот на загадувачи кој треба да евидентира емисии на честички во амбиенталниот воздух, не само од страна на индустријата, туку и од сообраќајот, не е активен, посочува Кирил Ристовски од здружението на граѓани Флорозон. И според него, несоодветното греење во зимскиот период е главниот причинител за аерозагадувањето и тој проблем треба да се реши. Една од мерките кои треба да се преземат се итни реформи на јавниот транспорт по примерот на западните земји преку воведување на зони на движење и класификација на возилата кои се движат во зоните.

„Секако дека урбанистичките активности во централното подрачје на градот играат значителна улога во загадувањето на воздухот и според мене би требало да се стави мораториум на градба во централното градско подрачје и воедно градбите да се дисперзираат кон надворешноста на градот, а не кон центарот“, вели Ристовски.

Аерозагадувањето, кое според Ѓоргев претставува тивок убиец и е првиот еколошки отров што предизвикува голем број заболувања, е интерсекторски проблем. Вината ја префрламе од еден на друг, а всушност одговорноста е поделена помеѓу локалната самоуправа, централната власт и граѓаните.

Ристовски посочува дека невладиниот сектор и граѓаните треба континуирано да вршат притисок врз одговорните за преземање на мерки за намалување на аерозагадувањето.

„Нема доволно храброст и политичка волја за да се решат овие проблеми на еден траен начин. Секако дека граѓанските организации треба и ја играат клучната улогата за информирање на јавноста, но притисокот треба да биде подеднаков преку цела година, а не само во зимскиот период кога загадувањето е најголемо“, вели Ристовски.

Последните истражувања на Институтот за јавно здравје покажале дека скоро и да нема орган или систем кој не страда од аерозагадувањето. Триесет до четириесет проценти од белодробните заболувања доаѓаат од загадувањето на воздухот, 25 проценти од срцевите инфаркти, и 35 отсто од опструктивните болести се поврзуваат со аерозагадувањето.