Достапни линкови

Во Македонија сé е политика, дури и воздухот


Енормантата загаденост на воздухот, Анкетната Комисија за прислушувањето, личностите кои користеле полициско обезбедување за кои обелодени МВР, аферата со фалсификуваните лични карти се само дел од топ темите во дневните весници.

Во Македонија сé е политика - дури и проблемот со загаденоста на воздухот што го дишеме. И рисот што живее во Националниот парк Маврово. Утрински е загрижен за енормната загаденост на воздухот последниов месец па темата ја третира на насловната страница. „Граѓаните се трујат, властите вложуваат ситно во екологија - Институтот за јавно здравје предупредува: Состојбата е алармантна!“ - информира Утрински. Од Утрински дознаваме дека Европска банка застанала во заштита на реткиот рис што живее на Бистра, односно дека при донесувањето на одлуката за финансирање на хидроцентралите во Националниот парк „Маврово“ ќе ги земе предвид препораките на Бернската конвенција.

Но кај нас за сé е виновен некој друг, па за Дневник тоа е политичка битка со национален предзнак за водите: „Албанската влада со помош на македонските ʼневладиниʻ ни ги запре ʼБошков Мостʻ и ʼЛуково Полеʻ“ - насловува весникот. Реткото животно не го ни спомнува.

Утрински информира дека „Груевски е во посета на Израел, пред Анкетната комисија за прислушувањето во понеделник“, а Вечер го објавува соопштението на партијата на власт дека: „Премиерот Груевски поради работни обврски ќе се обрати пред Анкетната комисија на 14 декември“. Слободен печат во својот шеговито-ироничен стил: „Премиерот ќе сведочи ама сака сака човекот да му тргне понеделнички“. Вечер како да знае: „Останува малку време за работа до крајот на јануари - Ако се има предвид досегашното искуство со анкетните комисии... кои не дадоа конкретни резултати, треба да се случи чудо за нешто да се промени“ - предвидува весникот.

Печатените медиуми информираат и за реакциите на некои од личностите од владејачката партија кои незаконски користеле службени возила и обезбедување. Утрински пишува за „бурни реакции“ од партијата на власт и објавува дека покрај другите и Мартин Протуѓер, Амди Бајрам, Михајло Маневски користеле полициско обезбедување.

Вечер пишува за „Очајот во кој се наоѓа СДСМ“ затоа што заканите по личната безбедност биле причината за барање и обезбедување заштита од МВР. Вечер поставува и прашање до новиот шеф на полицијата, Спасовски, извртувајќи ги во насловот фактите во текстот на неделникот Фокус за 35.000 фалсификувани лични карти наменети, како што е наведено, за претстојните избори: „Која е улогата на Спасовски и на Фокус во аферата? Личните карти не се употребени никогаш и никаде!“ Слободен печат одговара: „Сител со побрза истрага од МВР - Никој не гласал со лажните лични карти? Зошто биле штанцани?“ - прашува весникот.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG