САД ја обвинија Русија за нападот врз конвојот во Сирија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Вашингтон ја обвини Русија за нападот врз конвојот во Сирија

Белата куќа експлицитно ја обвини Русија за воздушниот напад врз конвојот камиони со хуманитарна помош во Сирија. Ова е најотворено обвинување на администрацијата на претседателот Барак Обама против Русија за нападот што се случи на 19 овој месец во близина на Алепо во кој загинаа најмалку 20 цивили.

Заменик советникот за национална безбедност Бен Родс изјави дека за овој напад би можеле да стојат или силите на сирискиот режим или руската влада.

„Во секој случај, ние сметаме дека руската влада е одговорна за воздушните напади во овој простор, имајќи предвид дека нивна обврска по прекин на непријателствата беше со воздушни операции да ги обезбедуваат местата каде што минува хуманитарна помош“, вели тој.

Заменик советникот за национална безбедност Бен Родс

Родс додаде дека Соединетите Држави сакаат да продолжи прекинот на огнот во Сирија, но се загрижени, бидејќи Русија не покажалува добра волја за тоа.

„Тоа само значи дека ние ќе треба да продолжиме да ги разгледуваме околностите со нашите најблиски партнери, ќе зборуваме многу директно со Русија за тоа дали е сериозна во врска со спроведувањето на условите на договорот“, вели тој.

Нападот ги натера Обединетите нации да ги прекинат сите хуманитарни конвои за Сирија.

Во неговото обраќање на Генералното собрание на Обединетите нации, првиот човек на Светската организација Бан Ки-мун нападот го оцени како „одвратен, дивјачки и очигледно намерен“.

Во почетокот не беше јасно чии авиони биле зад нападот, но неименуван американски претставник изјави дека во тоа време на небото летале два руски авиона од типот Су 24.

Руското министерство за одбрана демантираше дека руски воени авиони учествувале во нападот, наведувајќи дека зад него можеби стоеле или милитантите на Фронтот Ал Нусра или членови на Белите шлемови, сириска граѓанска одбранбена организација.

„Руските и сириските сили не извршиле никакви напади врз хуманитарниот конвој“, изјави портпаролот на руското министерство за одбрана генерал мајор Игор Конашенков.

Нападот сериозно ги намали надежите дека прекинот на огнот кој пред една недела беше издејствуван со посредство на Русија и на Соединетите држави ќе може да одржи.

Иако Вашингтон и Москва велат дека договорот за примирје и натаму е жив, сепак има се повеќе извештаи за негово прекршување.

„Ќе ја продолжиме работата и в петок повторно ќе разговораме за Сирија“, изјави американскиот државен секретар Џон Кери, кој заедно со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров го водеа состанокот на Меѓународната група за поддршка на Сирија што се одржа на маргините на генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Обраќајќи се на Генералното собрание претседателот Барак Обама ја повтори позицијата на Вашингтон дека не може да има воено решение за петгодишниот конфликт во Сирија.

„Ни претстои тешка дипломатска работа со цел да го запреме насислтвото и да им доставиме помош на оние што таа им е неопходна“, рече Обама.