Изедначувањето на бројот на избирачи во изборните единици, буџетот за 2017 година, носењето на измени на законот за заштитени сведоци по барање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, се дел од покрупните работи што треба да ги заврши Собранието до неговото распуштање идниот месец, посочуваат од опозицијата.
За буџетот е отворена расправа, но не мора да значи дека тој ќе се донесе, вели пратеникот од СДСМ Петре Шилегов кој нагласува и дека другите две прашања допрва треба да бидат усогласени.
„Тие се уште како прашања висат, не се ставени на дневен ред во ова што засега го имаме како утврдени дневни редови во Собранието. Меѓутоа тоа не значи дека нема да се најдат, бидејќи ако се усогласи потребата од нивно носење тие може да бидат донесени во скратена постапка за еден до два дена“, вели Шилегов.
Во мај, пред одложувањето на изборите тогаш закажани за петти јуни, Државната изборна комисија едногласно изгласа до претседателот на Собранието Трајко Вељаноски да се испрати писмо во кое ќе се побара пратениците да донесат измени во Изборниот законик. Комисијата констатираше дека има отстапувања од по најмалку пет проценти во бројот на гласачите во три изборни единици - тројката, четворката и шестката, а дека тоа е законска пречка за организирање на изборите.
Сега и пратеникот од ДУИ Талат Џафери посочува дека тоа е едно од прашањата за кое може да се запне. За да се обезбеди законитост на изборите Собранието би требало да ги изгласа измените, посочува пратеникот.
„Тоа би било основ за незаконски избори. Законот е ограничен на плус-минус пет отсто и тоа би било основа да се оспорат резултатите, легитимитетот и легалноста на изборите имајќи предвид дека е законска обврска и во тој контекст треба да се води сметка за тоа“, вели Џафери, кој очекува пожестока расправа и за носењето на буџетот. Тој смета и дека важна работа до распуштањето на собранието е претставувањето на извештајот на специјалната јавна обвинителка Јанева пред пратениците идната недела.
Другите обврски поврзани со изборите засега се чини се завршени. Формирано е ад - хок телото за медиуми, кое почна со работа, почна и новиот уредник на првиот програмски сервис, а идниот месец медиумите треба да ги утврдат и ценовниците за изборно рекламирање. ДИК, пак, до крајот на идниот месец треба да го стави на јавен увид избирачкиот список, а во ноември треба да ги објави и описите на изборните единици. Според сегашните проценки единствена пречка за одржување на изборите во декември може да биде само евентуалната одлука на Уставниот суд за прогласување на Специјалното јавно обвинителство за неуставно.