Законот за високо образование падна во заборав

Уште минатата година имаше и неколку најави од поранешниот премиер Никола Груевски дека ќе се дебатира околу законите, но работната група не работи.

И оваа академска година почна со наследени проблеми меѓу кои измените на законот за високото образование и државна матура кои требаше да се дефинираат во 2015 година, но се пролонгираат најверајатно за по изборите во декември. Уште минатата година имаше и неколку најави од поранешниот премиер Никола Груевски дека ќе се дебатира околу законите, но работната група не работи. По протестите од 5 мај минатата година, кога беа уапсени двајца студенти, Студентскиот пленум ја напушти работната група. Ивана Туфегџиќ вели дека за тоа има влијание и игнорантскиот однос на Министерството за образование.

„Тешката задача на работната група да создаде нов закон за високо образование оди многу потешко кога во Министерството за образование и наука нема никакви анализи околу тоа каков бил квалитетот досега и колку измените на законот давале резултати. Така што, тука пеколно тешко беше да се создаде заедно со нив нов закон за високо образование“, вели таа.

Професорите точно знаат кои реформи се погрешни. Тие посочуваат дека најголемиот проблем на високото образование моментално е законот за високо образование поради честото менување. Тие исто така гледаат дека одборот за акредитација и евалуација е нефункционално тело на МОН што допринесува за хаотичен систем во кој и професорите и студентите, а најмногу правните служби на факултетите, се губат.

Меѓутоа, професорите и студентите од УКИМ се упорни и одлучни во нивниот начин на дејствување и активности што ќе ги преземаат и во текот на оваа година. Мира Беќар, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, вели дека цело лето се работело на изменување на статутот во делот на студентското организирање и оти во тек е формирање на независен академски синдикат кој во октомври треба да има прв основачки конгрес.

„Таа комисија се сретна неколку пати и веќе излегуваат со некои решенија за кои ќе се разговара на Сенатот. На тоа му дадовме приоритет бидејќи имаше и најкраток рок во септември кога доаѓа нов ректор и нова ректорска управа. Исто така на самите факултети е разговарано и за промени во наставните програми и промени во студентското организирање. Така што има чекор напред за студентското организирање и формирање независен академски синдикат и тоа е чекор напред во решавање на проблемите“, вели таа.

Измените на законот за високо образование беа изгласани во јануари 2015 година. Неколку месеци потоа имаше големи студентски протести.

Туфегџиќ искажува скептицизам околу евентуалниот дијалог со МОН за измените на законот за високо образование до изборите планирани во декември.

„Во предизборието, единствено нешто што очекувам е да слушаме ветувања како ќе се дебатира. Во наредниот период не верувам дека некој посериозно од МОН или од владата ќе биде заинтересиран за дебата по овие теми“, вели таа.