Достапни линкови

Власта се чуди зошто младите се иселуваат


Власта тврди дека има работа за сите и дека само пет луѓе од 100 заминати во странство постигнуваат успех. Само добар маркетинг е дека надвор се заработува подобро, вели директорот на Агенцијата за вработување. Но, најголемиот дел од младите иднината ја гледаат надвор од земјата и не размислуваат за враќање.

Трендот на иселување на младите луѓе од Македонија продолжува, а причините се различни, но најчесто тоа е неможноста тие да ја остварат својата професија. И покрај загрижувачките податоци што ги објави МВР дека во 2015 година се иселиле дури 78 илјади лица, од Агенцијата за вработување велат дека тие успеваат да понудат работни места и дека во земјава има работни места за секој што има знаење, интерес и волја да работи. Влатко Поповски, директорот на Агенцијата за вработување исто така рече дека од 100 заминати луѓе само петмина постигнале успех.

Само добар маркетинг е дека надвор од Македонија се заработува многу подобро. Ако тоа работно време што се работи во западните држави го работиме во Македонија приближно исто ќе заработиме за соодветен живот во Македонија.
Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување.

„Во Македонија секојдневно се отвораат отприлика околу 500 до 600 работни места. Еве од вчера се отворени првите работни позиции за Џонсон Контрол во Штип каде се бараат многу лица. На нашиот сајт ќе бидат објавени тие работни огласи. Само добар маркетинг е дека надвор од Македонија се заработува многу подобро. Ако тоа работно време што се работи во западните држави го работиме во Македонија приближно исто ќе заработиме за соодветен живот во Македонија“, вели Поповски.

Меѓутоа сите податоци покажуваат дека се повеќе млади луѓе не гледаат перспективи во Македонија. Нивната причина е неможност да ја остварат својата професија, а како пречки тие ги наведуваат и непотизмот, корупцијата партизираноста и тоа што на важни позиции се ставени неадекватни луѓе.

Еден од младите кои размислува да ја напушти државата е Кирил Арсовски Пржо, студент по екологија, кој вели дека и досега заминувал да работи во странство, па повторно се враќал во Македонија, а сега има план за подолгорочно заминување.

„Јас сум единствен студент во мојата насока, 90 отсто од студентите кои биле во мојата насока претходно веќе не се во Македонија, а тенденцијата во генерациите што следуваат по мојата е слична. Сите се наоѓаат во некое поубаво и поуспешно место отколку што би биле во Македонија, бидејќи со тоа се соочуваат луѓе кои имаат други специфични професии како мојата и добиваат обука и диплома за занимање кое тука не може да го работат“, вели Арсовски.

Дека повеќето млади сакаат да ја напуштат државата покажува и студијата на Фондацијата Фридрих Еберт и Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања објавена минатиот месец, според која повеќе од половина од младите во Македонија сакаат да заминат во странство, а дури една третина од нив воопшто и не помислуваат некогаш да се вратат дома.

Трендот на иселување го потврдува и професор Аница Драговиќ продекан на Филозофскиот факултет и експерт за статистика и демографија.

„Трендот на отселување на високо-образовните кадри почнува на почетокот на 90 години на минатиот век и се повеќе и повеќе се зголемува бројот на лица кои се отселуваат, посебно на лицата со високо образование. Се повеќе освен млади се иселуваат и лица кои имаат над 40 години.“

Тенденцијата на иселување ја потврдуваат и во Центарот за европски иницијативи, невладина организација која ја организираше дискусијата на оваа тема во МАНУ, но оваа новоформирана организација допрва почнува да се соочува со овој предизвик.

„Целта на проектот е да извлечеме заклучоци и препораки практично за потоа да ги преточиме во истражување кое ќе следи се надевам оваа година“, изјави Христијан Коневски, претседател на Центарот за европски иницијативи.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG