Економскиот раст врз база на задолжувањата

Економскиот раст главно се должи на задолжувањата, но на долг рок тие ќе бидат камен врзан врз вратот на економијата.

Информацијата на Народна банка дека растот на македонската економија во вториот квартал изнесува 2,2 проценти, а дека во првите три месеци од годинава е остварен раст од 2 проценти, според економистите претставува јасен показател и потврда на лошите економски политики и политичката криза. Тоа покажува дека економијата досега се држеше на мускули, односно со позајмувања и кредити, вели поранешниот Гувернер на НБРМ Петар Гошев, дополнувајќи дека тој извор го одржува досегашното темпо кое е незадоволително, но оти растот ќе бил уште понизок. Според него, во наредниот период јавниот долг ќе биде фактор на притискање на економијата на понадолен пат.

„Штом една економија се држи на мускули на тој начин, тоа има лимитиран период на одржување на таа динамика. Оваа година од овој аспект е дефинитивно загубена“, вели тој.

Просечниот раст во изминатите 10 години од управувањето со државата на оваа гарнитура изнесува едвај три проценти, вели Гошев и посочува дека заедно со ова што ќе се случи конечно во 2016, економскиот раст ќе биде не повеќе од 2,8 отсто за последните 10 години.

„Тој економски раст јасно е дека не ги решава економско социјалните проблеми на Македонија и не може да одговори на потребите за намалување на невработеноста. Ваквиот начин на одржување на минималниот раст заради лошиот пласман на дополнителната комуникација која доаѓаше досега од кредитите не го зголемуваше потенцијалниот раст кој е околу 4 посто“, вели тој.

Според него, ова говори дека огромниот дел од парите кои се позајмени се претворени во мртов капитал.

„Јавниот долг ќе се претвори во камен на вратот на економијата на Македонија. Еве ако претпоставиме дека ќе остварува и натаму просечен раст од 2,8 до 3 проценти што е незадоволително од тој раст половина ќе оди само за отплата на каматите.

Професор Марија Зарезанкова Потевска гледа дека стагнираме како земја на подолг рок. Покажуваме знаци на виталност, но тоа не значи дека ќе излеземе од низок стопански развој, вели таа.

„Економијата е жилава покрај сите проблеми и политички и економски и во светски размери, но далеку од тоа дека може да обезбеди подобар стандард, економски развој, нови вработувања“, вели таа.

Странските стручњаци предвидуваат дека пожелно е неколку години по ред да има стапка на раст од 5 отсто за да се обезбеди некаков развој.