Ќе биде ли Македонија демократската и стабилна држава? Прашање кои политичките аналитичари си го поставувале пред референдумот за независноста и денес надвиснува над главите по двегодишната политичка криза чиј излез е постојано на дофат, но никако да го стигнеме.
Многу успеси, но и многу турболенции ги одбележуваат изминативе 25 години независност на Македонија. Одбегнувањето на војна во период кога се прогласуваше независност, самото создавање на држава и нејзина монетарна независност, како и трасирање на патот кон евроатланска интеграција се најголемите успеси кои го одбележаа овој четврт век.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Првиот претседател на Собранието, Стојан Андов, вели дека основниот успех на Македонија се состои во процесот на опстанок и развој на државата кој е неповратен.
„Државата ќе се развива и ќе напредува, тоа е успехот. А неуспех е што од време навреме домашни извори ставаат клипови во тркалата на нашата историја и сакаат да го закочат прогресот на државата“, вели Андов.
Во одреден период Македонија стана и лидер во регионот во однос на развојот, во однос на евроинтегрирањето, исполнувањето на условите за членство во НАТО, вели професор Мерсел Биљали, кој беше пратеник во периодот од 1994 до 2002 година.
„А негативниот дел произлегува од ситуации кога одделни структури дојдоа на власт на еден чуден начин, и тоа од двете структури, и од македонската и од албанската страна, и практично го срушија тоа што е градено со години и ја доведоа државата до тотални маргини“, вели Биљали.
Низа проблеми ја одбележуваат независноста на Македонија - од инфлацијата на почетокот на 90-те години од минатиот век, до грчкото ембарго и воздигнувањето на спорот за името во нерешлив децениски проблем. Потоа косовската бегалска криза, конфликтот во 2001 година кој резултираше со Рамковен договор, како и транзицијата и растот на невработеноста. Тоа беа само дел од предизвиците и заканите за младата македонска држава, што на некој начин влијаеја на забавувањето во остварувањето на стратегиските државни цели, како зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури.
Ако во раните деведесетти се градеа институциите, се создаваше медиумски плурализам и се тежнееше кон слободоумно граѓанско општество, по две децении работите добија поинаков тек, вели Биљали.Тој смета дека дополнителен проблем е и недостатокот на политичка зрелост во општеството.
„Само среќна околност, да имаме добри водачи за да може да се движиме напред, оти нашата политички свест се уште не е на нивно ние да создадеме одговорни политичари, значи очекуваме случајно да ни се случат такви и од таа болест се уште не можеме да оздравиме“, вели Биљали.
Откако по првата препорака за почеток на пристапните преговори со ЕУ следуваше и условена покана за прием во НАТО, заради блокадата која ја постави Грција, која бараше прво да се реши прашањето за името, политичкиот внатрешен дијалог го смени дискурсот. Политичките поделби, обвинувања за предавство и внатрешни турбулентни превирања добија на интензитет.
Голем дел од политиките на власта и градежните потфати, како Скопје 2014, и именувањето на автопатот Александар Македонски беа протолкувани како провокација кон соседите.
Меѓународната заедница почна да забележува пад на слобода на медиуми и човекови права, во извештаите се почесто нотираше партиски вработувања, неодвојување на партијата од државата и недостаток од владеење на право.
По временската дистанца од дваесет и пет години впечатокот што денес доминира е дека Македонија постигна помалку од она што се очекуваше по прогласувањето на независноста, со политичките осцилации може да се заклучи дека почесто стоиме во место отколку што напредуваме, вели Биљали.