Стамбол на Босфор

Зоран Ќука, уредник на македонската програма на Радио Слободна Европа.

Посветено на ердоганштината, путинизмот, груевизмот и на големиот Тодор Керамитчиевски, кој одамна не мора сето ова да го гледа.

Беше лето господово две илјадито кога големиот Тоше седна на столчето и го отвори капакот на црниот клавир во барот на хотелот среде Вашингтон. Ја стави Тодор чашката со водка пред него на клавирот, а до неа пепелникот и запалената цигара.

Околу него куп ликови со обележја на масони на некаков си нивен собир, залегнати удобно во фотелји со пури и виски во рацете. Американците не го ни дигнаа погледот кон нас кои љубопитно застанавме во полукруг околу клавирот на големиот Тодор Керамитчиевски.

И навистина беше голем, над два метри висок, широк, плеќест човек со голема душа. Време, приквечерина, а ние група од 20-тина новинари од Македонија, Босна и од Косово, таман спремни за на журка во Џорџтаун, наострени за вистински соул.

Но, сиот тој џез и соул, оној на вистинските црнци и белци ми остана во сенка на големиот Тоше. Неговата џез варијанта на „У Стамболу на Босфору“ нас Балканците нè тресна од земја, а длабоко заседнатите белоглави старци ги натера не само да ги подигнат веѓите, туку и да станат и да го наградат Тоше со голем аплауз.

Тодор Керамитчиевски за жал веќе не е меѓу нас. Ние веќе не сме така млади, а планетата почна да се врти во обратен правец. Во вашингтонските хотели одамна не се пуши. Во Истанбул повторно ги тераат жените да си го покриваат телото и лицето. Недостасува уште и јени раки скроз да ја забранат и сликата да е целосна.

Чудни сеништа на црнокошуљашите се појавија од северот до југот на Европа, со атер и амин на локалните владејачки популисти, без разлика дали се десничари, левичари или нешто сосема трето.

На сцена се главно ликови задоени со омраза кон поинаквите, без разлика на боја, пол или нација. Тоа се лажни пророци кои ја уништуваат толеранцијата, долго и мачно градена во Македонија и во цела Европа. Тоа се неостварени, несреќни индивидуи, некогаш и полуписмени, кои на секој план, од уметноста, културата до медиумите и политиката ги искористија грешките и заспаноста на Европа и неизграденоста и проблемите на Македонија. Како злодуси на лагата и спинот ја убија вистината и убавината.

По ѓаволите, што ли му згрешивме на Бога па минатото да ни се враќа назад? Зошто дозволивме некои чудни ликови да ни градат туѓо минато, да ни ја уништуваат сегашноста и да ни ја доведуваат во прашање иднината? Зарем ништо не научивме од историјата?

Стамбол ќе остане на Босфор. Во мојата глава остануваат звуците од клавирот на Тоше. Вистинските вредности, сепак, никогаш нема да умрат. И ние сè уште имаме шанса.