Алепо, врв на ужасот во конфликтот во Сирија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ОН предупредуваат на можна катастрофа во Алепо

Обединетите нации се подготвени да достават помош во сирискиот град Алепо, доколку сите страни во војната, не само Русија, се согласат на дводневно примирје. Ова го изјави потсекретарот за хуманитарни прашања Стивен О'Брајан, предупредувајќи дека на градот му се заканува катастрофа без преседан во 5-годишната војна во Сирија.

Во обраќањето во Советот за безбедност, О'Брајан додаде дека Обединетите нации постојано во текот на месецов барале да достават помош за скоро милион луѓе кои се под опсада и под секојдневни бомбардирања во Алепо.

Но, според него, сириската влада одобрила нешто помалку од 50 насто од барањата и одбивала помошта да биде доставувана во подрачјата кои ги држат бунтовниците.

Претходно, Русија која е сојзник на сирискиот претседател Башар ал Асад соопшти дека е подготвена да поддржи 48-часовен прекин на огнот во Алепо.

Поздравувајќи ја оваа одлука на Москва О'Брајан сепак оцени дека примирјето нема да биде одржливо без согласност од сите страни во конфликтот.

„Јас сум лут. Јас сум многу лут како шеф на Обединетите нации за хуманитарна помош, бидејќи овој груб масакр во Сирија веќе одамна од циничен стана грешен“, вели тој.

О'Брајан оцени дека Алепо стана, како што рече, „врв на ужасот во најголемата криза на нашето време“.

Централна точка во дискусијата во Советот за безбедност беше тешката состојба на ранетото и зашеметено момче од Алепо, чија слика го шокираше светот.

Скоро сите членови на Советот зборуваа за сликата на 5-годишниот Омран Дакниш кој седи во амбулантна кола облеан со остатоци од крв како своевиден симбол на уништувањето на градот.

Омран и неговото семејство биле извлечени од урнатините во минатата недела по нападот врз бунтовничката област Катерџи. Неговиот десет годишен брат Али почина од повредите на 20 август.

„Застанете за момент и замислете дека ова е ваше дете, дете кое не знае ништо, освен ужасна војна“, рече О'Брајан.

Сирискиот амбасадор во Њујорк Башар Џафари изјави дека сириската влада не била одговорна за воздушниот напад врз Катерџи.

„Виновникот мора да биде на друго место“, изјави тој.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун во минатата недела предупреди на, како што оцени, „невидена хуманитарна катастрофа“ во Алепо и ги повика Русија и САД брзо да постигнат договор за прекин на огнот во градот и на други места во Сирија.

Во понеделникот, американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека разговорите меѓу САД и Русија за воена соработка во борбата против милитантите на Исламската држава во Сирија биле при крај.

„Во наредните денови нашите тимови ќе се сретнат и во зависност од тоа како ќе се одвива дискусијата најверојатно јас и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ќе се сретнеме уште еденаш“, рече Кери за време на посетата на Кенија.

Тој предложи размена на разузнавачки информации со Русија со цел координирање на воздушните напади против ИД и огранокот на Ал каеда во Сирија Фронтот Нусра.