Исполнети услови за избори во декември?

Според политичките партии договрените услови од Пржино се исполнуваат за да може да има избори до крајот на годината. Меѓутоа ,според експерти, ништо не е направено во однос на одвојување на владејачките партии и државата.

Исполнети се условите за избори на крајот на годинава, е генералната оценката на дел од партиите потписнички на Договорот од Пржино. Од СДСМ велат дека во принцип, договореното од 20 минатиот месец, со кое треба да се овозможат избори во декември, се исполнува.

„Сепак, конечната оценка треба да ја кажат лидерите на средбата што треба да се одржи на 31 август“, нагласуваат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивната оцена била дека условите се исполнети за избори и во април и во јуни.

„Со меѓупартискиот договор кој се постигна по одложувањето на изборите практично се докажа дека и тогаш немало никакви објективни причини за одложување на изборите“, наведува партискиот портпарол Иво Котевски.

Меѓупартискиот договор што го споменуваат од владејачката партија предвидува на посебен избирачки список да бидат ставени околу 170 илјади гласачи што живеат во странство, обврска што веќе е завршена. И вториот рок поврзан со списокот истече во петокот на полноќ. Од 39.502 гласачи кои се сметаа за спорни се пријавија 8.922 граѓани.

Во врска со медиумите, ад-хок телото ги доби четирите члена, а до утре треба да се избере и петтиот - експерт.

Договореното од минатиот месец се спроведува и следејќи го тоа би требало изборите да се одржат во декември, но тоа не значи дека се исполнети условите тие да бидат фер и демократски, оценува аналитичарот Џељаљ Незири. Тој додава дека тука пред сè мисли на условите поврзани со одвојувањето на партијата од државата и демократизација на земјата.

„Партиите кои се на власт продолжуваат да ги користат институциите за партиска промоција, за партиска пропаганда, не само во случајот со поплавата, туку еве имаме и случаи на систематизација на 800 вработени по рамковен договор од страна на министрите на ДУИ“, вели Незири.

Инаку, по средбата на лидерите што треба да се одржи за девет дена, ако се потврди дека условите за избори се исполнети, во првите денови од септември треба да се формира преодна влада, а опозицијата да назначи главен уредник на јавниот сервис.

„Таа влада пак ќе биде проблематична. Со тоа што ќе се приближиме до датумот за кој се закажани изборите ќе се разгорува таа војна внатре во тие институции за партиска промоција и партиска пропаганда“, вели Незири.

Тој смета дека по формирањето на преодната влада која ќе биде во ист формат како и претходно, односно опозицијата ќе има министри во МВР и труд и социјала и заменици во финансии, земјоделство и јавна администрација е можно да се одложат пак изборите. До тоа може да дојде, вели тој, ако се предизвикаат големи проблеми во институциите кои би ги направиле нефукционални и ако се доведе во прашање работата на еден од столбовите на пржинскиот договор, Специјалното јавно обвинителство.