Достапни линкови

Дали недовербата кон владата ќе има одраз врз опозицијата?


Узурпираните иституции од страна на власта не ги исполуваат барањата на граѓаните, па затоа се намалува довербата во Владата и во Парламентот. Но дали недовербата на граѓаните може да биде сигнал пред следните избори?

Во длабоката политичка криза низ која поминува Македонија и преку која на површина излегоа бројни злоупотреби и слабости на институциите на системот, упатените ја гледаат причината за големата недовербата на населението во Владата и Парламентот. Последното истражување Евробарометар кое го спроведува Европската комисија покажа дека 62 проценти од граѓаните не и веруваат на Владата, а 64 отсто на Парламентот.

„И во бомбите, односно прислушкуваните разговори слушнавме како функционира власта и Владата, како институциите се заробени од партиските и лични интереси од луѓето на власт и како се злоупотребуваат надлежностите, но и државните ресурси за партиски интереси. Мислам дека тоа е клучно заедно со сериозното незадоволство од тоа како работат институциите, како главни фактори зошто се изразува таа недоверба од страна на граѓаните“, вели Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование.

И професор Башким Селмани смета дека најголемата причина за недовербата на граѓаните искажана во истражувањето на релевантна меѓународна институција се слабостите во работата на институциите кои се гледаат во секојдневната комуникација на граѓаните со нив.

„Граѓаните не се задоволни во однос на услугите кои треба да ги извршуваат Владата и институциите на време. Не се задоволни бидејќи нивните основни права не можат да се остварат, зошто наидуваат на пречки или корупција, интервенции и сл.“, изјави Селмани.

Според аналитичарите, ваквата недоверба на граѓаните може да биде и предупредувачки сигнал пред следните избори. Маричиќ вели дека е логично ваквиот процент на незадоволни граѓани да се прелее или како револтно гласање против актуелната власт или да резултира во пасивно гласачко тело кое нема да излезе на избори.

„Прашање е сега колку од оние кои се незадоволни од Владата ќе бидат мотивирани да гласаат за опозицијата. Мислам дека тоа е еден сигнал. Дека има 62 проценти мнозинство кое е незадоволно и бара некаква промена или гласање за нешто ново и подобро, наспроти десет години владеење на оваа власт“, вели Маричиќ.

Селмани, пак, смета дека незадоволството на граѓаните би можело да резултира со помал број на пратеници кај политичките партии.

„Јас сум сигурен дека секоја партија ќе има помалку пратеници. Дел не се задоволни од власта, дел од опозицијата и не им веруваат дека ќе владејат на начин како што треба“, заклучува Селмани.

Покрај незадоволството кон Владата, истражувањето покажало дека се зголемува бројот на граѓаните кои сметаат дека економската состојба во земјава е полоша, а дури 48 насто од испитаниците сметаат дека најлошото допрва доаѓа на пазарот на труд. Според истото истражување, најголемиот број од младите во земјава имаат позитивна слика за Европската унија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG