Како да изградам сопствено мислење? Како да донесам одлука кого да заокружам на гласачкото ливче? Кому да се обратам за да му го кажам моето мислење? Ова се прашања кои треба да си ги постави секој млад човек, кога се стекнува со гласачкото право. Прашањава отвoраат тема со која треба да се занимаваат образовните институции во земјава, а да ја наметнуваат политичките партии или најмалку нивните подмладоци. Училиштето преку образовниот и воспитниот процес треба да создаде политички писмени и активни млади луѓе. Да се биде политички писмен или активен, не значи дека треба да се биде член на политичка партија, туку значи да знам што ми смета во моето секојдневие, да знам што сакам да променам и да знам како сакам да ја направам промената.
Во Македонија постојано зборуваме за едукација и образование и создаваме квалификувани млади луѓе, кои во голем процент заминуваат во други земји, во кои постојат подобри услови за живот и кои нудат фер шанси за вработување, како и огромни можности за личен развој и напредок во кариерата. Некои статистики од почетокот на годинава велат дека дневно најмалку 40 граѓани од Македонија се иселуваат во земјите на Европската унија. А нам, овде и сега, ни се потребни политички и економски, силни и независни млади, кои умеат идеолошки да ги толкуваат и разликуваат понудите на политичките партии.
Во Македонија политичката едукација младите можат (најчесто) да ја стекнат преку неформалното образование и тоа во многу ограничени целни групи. Македонија е земја, која речиси постојано е во изборен процес, а не постојат широко достапни водичи и други информативни содржини за остварување на гласачкото право. Младите луѓе освен што се соочуваат со идеолошко непознавање на партиите, тие не ги знаат ни надлежностите и обврските на избраните функционери на локално или национално ниво. Ниту, пак, знаат како да стапат во контакт со нив, доколку имаат проблем или доколку сакаат да понудат решение.
Оттука неинформираноста односно отсуство на политичката едукација на младите луѓе во моментот кога се стекнуваат со правото на глас, е една од причините кои резултираат со општество и политики, кои не се соодветни на потребите на младите луѓе и во кои младите и воопшто не се во фокусот.
За таа цел, Националниот младински совет на Македонија изготви Анализа за застапеноста на младинските политики во програмите на политичките партии од изборите 2014 со што и официјално се означи почетокот на кампањата „Младите во фокусот на изборите 2016“, кои досега не се одржаа. Но, важно е да се истакне, дека оваа Анализа е прва од ваков вид во нашата земја и покажува колку всушност младите се во фокусот на програмите на политичките партии и со кои теми. Анализата беше претставена на младински форуми во десет различни градови и поттикна дискусија за потребите на младите во секоја од шесте изборни единици, како дел од кампањата на НМСМ и НДИ, „Избори се“.
Младите како партнер или декорација?
Во институционален контекст младите не се сериозно сфатени како партнер, па дури ниту како конзумент на политиките кои ги сервираат македонските институции и од кои младиот човек треба да биде задоволен. Всушност како никого да не го засега дали младите се задоволни од одлуките и политиките. Или што е уште почудно, како сите да очекуваат по инерција младите да бидат задоволни со тоа што им се нуди, затоа што барем им се нуди.
И тука информираноста е на многу ниско ниво. Младите не знаат кој ги креира, ниту кој ги имплементира политиките кои се однесуваат на нивното образование, здравство, кој им го одредува забавниот и културниот живот, кој влијае на загадувањето и ниското ниво на хигиената во средината во која живеат. Недостига министерство за млади, сектори за млади, комисии кои ќе работат само и единствено на прашања што ги засегаат младите, мултисекторски пристап за враќање на младите во фокусот на политичарите и политиката.
Во моментов во земјава се одвиваат два многу важни процеси за младите. Едниот е избор на младински претставник за Регионалната младинска канцеларија за Западен Балкан и за младинската конференција во рамки на процесот на Структурниот дијалог кој го води земјата претседавач со Европската унија. Младите во земјава не се информирани за овие два процеси, што тие значат и како ќе влијаат на нив. Дали се бенефиција или товар за нив? Дали ќе им овозможат нови искуства, вмрежување, нови знаење и квалификации или можеби ништо ново и инетересно нема да им понудат? Нема инфо ниту во медиумите, нема ниту владина реклама посветена на овие можности за директното учество на младите во процесите на одлучување за политики и покрај тоа што други слични скоро и да нема.
Националниот младински совет на Македонија ја одржа првата национална консултативна конференција за Канцеларијата за регионална младинска соработка на Западен Балкан (RYCO), на која младите имаа можност да ги искажат своите очекувања и препораки пред владините претставници на највисоко ниво и амбасадорките на Германија и Франција.
По сето ова, со жалење морам да констатирам, дека во Македонија младите се една голема маргинализирана група, дури и оние кои навистина сакаат да придонесат треба да се борат за позициите кои во секоја европска демократска држава наједноставно речено, им следуваат. Младите имаат право, во национален и меѓународен контекст, да бидат претставени од млади, кои самите ќе ги изберат, на кои ќе им ја дадат обврската да ги претставуваат, да се борат за нив и од кои ќе бараат одговорност кога за тоа ќе почувствуваат потреба. На младите им е потребно институциите да имаат доверба во нив и да им ги препуштат целосно задачите, како што тоа го прават нивните пандани на регионално и европско ниво.
Ова е еден од предизвиците и за младите, и за политичарите и за институциите. Се соочуваме со толку мало познавање на политиката, а со толку многу политика за еден просечен млад човек.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.