Со парите за Битфест ќе се чистат фасадите од Шарената револуција

Битолското културно лето воопшто не започна, откако на градоначалникот Владимир Талески му беше одреден куќен притвор пред два месеци. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие пари ќе се пренаменат за чистење на фасадите на јавни објекти кои беа на мета на Шарената револуција.

Парите наменети за битолското културно лето „Битфест“, кое летово не започна ќе бидат пренаменети за санација на обоените фасади и споменици од Шарената револуција. Ова го посочи Соња Карапашоска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ и член на Комисијата за финансии и буџет при неодамнешната расправа во Советот на Општина Битола.

Советниците од опозицијата прашуваа што ќе се случи со средствата предвидени во буџетот за културните настани од „Битфест“ кој воопшто не отпочна откако на битолскиот градоначалник Владимир Талески му беше изречен куќен притвор во траење од два месеца како осомничен за случајот „Транспортер“. Битолското културно лето го организираше општината и годинава требаше да го има единаесетото издание. Иако општината располага со Одделение за култура, во отсуство на Талески летниот културен бран не започна.

„Во ставките на буџетот на општина Битола стојат и суми кои се однесуваат на битолско културно лето. Сведоци сме дека оваа година нема настани во битолското културно лето, а сумите испланирани за таа програма се издвоени. Ова покажува дека имаме изместени услови за исполнување на она што било испланирано согласно поставувањето на буџетот кога биле планирани овие средства“, рече Наташа Петровска, советник од СДСМ.

На ваквите прашања одговори Карапашовска дека парите ќе се пренасочат за санирање на последиците од Шарената револуција.

„Што се однесува до една многу експлоатирана тема години назад, а еве и сега слушаме за неа, тоа е Битфест, што се однесува до програмата за битолското културно лето мислам дека тие ставки со ребалансот на буџетот ќе бидат пренасочени во ставки за санација на последиците и штетите од Шарената револуција, а се одвиваше со многубројни театарски претстави и еден нов начин на културно изразување во градот“, рече Карапашовска.

Претседателката на Советот Силвана Ангелевска не можеше да посочи колку пари од буџетот ќе се потрошеа за Битфест зашто настаните се предвидени со други во Програмата за култура.

„Во буџетот немаме дефинирани средства за Битфест, туку за е програма за култура која ги опфаќа сите културни настани на годишно ниво. Конкретизирањето на настаните ги прави Одделението за култура при општина Битола. Ако не се искористат средства од програмата за култура ќе има ребаланс на буџетот. Обично секогаш еднаш до два пати годишно има потреба од ребаланс на буџетот не заради вакви причини туку затоа што е тешко сто процентно да се испланира тоа што треба да се реализира“, вели Ангелевска.

„Битфест“ општината до лани го најавуваше како најбогато и најсодржинско лето. Започнуваше од крајот на јуни и траеше сè до крајот на август. Бидејќи годинава не стартуваше дел од поголемите културни манифестација се одржаа самостојно, а помалите културни настани ги нема.

Дали ќе настане промена на ситуацијата и „Битфест“ ќе се одржи во некое скратено издание или не, сепак, клучниот збор ќе го има Талески кога ќе излезе од куќен притвор, ако задоволувањето на културните потреби на Битола сè уште му биде меѓу приоритетните прашања.