Жестока кампања и силна пропаганда ја очекува Македонија за следните избори. Тоа го препознаваат некои аналитичари во односот пред сè на власта во врска со справувањето на последиците од невремето. Последниве денови во дел медиуми што важат за блиски до владејачката партија почна кампања против оние што не се блиски до неа. Се оцрнуваат опозиционерите и нивниот однос кон несреќата, но и некои од критичарите на власта и истакнати учесници во Шарената револуција. За сметка на тоа во позитивно светло се истакнува работата на функционерите од ВМРО-ДПМНЕ.
Очекувам уште пожестока црна пропаганда кон опозиционерите, а таквиот пристап и досега беше препознатлив за владејачките партии, смета аналитичарот Џељаљ Незири.
„Во овој случај се очекуваше барем некој да преземе одговорност за сè што се случи и целото менаџирање на ситуацијата да биде без присуство на политиката, но се виде дека и при овие елементарни непогоди имаме користење на сите пропаганди средства за да се придобие јавноста“, вели Незири, според кого имало обиди и од опозицијата да се искористи ситуацијата за сопствени маркетинг, но тие биле во помал обем.
Според професорот Никола Дујовски, однесувањето на, како што вели, партиските послушници кои деновиве се на терен и располагаат со целокупната помош и поддршка што треба да му се даде на населението ќе продолжи и за изборите. Сега го прават ова по партиска директива, утре ќе го прават ова и од лични причини, вели Дујовски.
„Не мора да ја гледаме само елементарната непогода од минатата недела. Да се потсетиме и какви беа студентските избори. Таквиот однос се отсликува деновиве и во Стајковци и другите погодени места. Истото ќе ни се преслика и на изборната кампања што ќе следува понатаму“, вели Дујовски.
Силните несогласувања меѓу власта и опозицијата и за последиците од поројниот дожд се видоа и на вонредната собраниска седница. Со часови траеја расправиите за тоа кој е виновен, кога реагирал, кој бил прв во давањето помош. На социјалните мрежи и меѓу активистите дополнителни несогласувања внесе и изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски дека околу 70-80 проценти од луѓето кои во минатите денови помагаа биле членови и активисти на нивната партија. Со тоа, според дел од јавноста, се прави дополнителна поделба на граѓаните дури и кога се работи за хуманитарни цели.