Поплавен патот за излез од политичката криза

Може ли да се очекува партиите да ги користат поплавите како изговор за одолговлекување на обврските од Договорот од Пржино кои не им одговараат?

Додека вниманието на јавноста е свртено кон поплавите и катастрофалните последици што невремето ги предизвика во скопскиот регион, продолжуваат да течат роковите за спроведување на договорените решенија од Пржино. 31 август е крајниот рок, кога четворицата лидери треба да седнат на маса и да оценат дали се исполнети условите за фер и демократски избори и дали 11 декември ќе биде датумот на одржување на предвремените парламентарни избори. Од 20 јули, односно денот кога се договорија партиите, се работи на тоа да се спроведе договореното. Па така 8 дена подоцна, собранието ги донесе измените во законите за влада, МВР и медиуми.

Веднаш потоа почна да тече прочистувањето на избирачкиот список, односно да се трошат 25-те дена во кои треба да се пријават спорните 39.502 гласачи. До вчера до ДИК се пријавиле вкупно 3.642 граѓани. Рокот за пријавување на истите е 19 август.

Пред два дена се формираше и ад хок телото за мониторинг на медиумите, односно беа избрани четворица членови на истото. Петтиот член треба да се избере со усвоен консензус од четирите члена и тоа најдоцна до 23 август. Мандатот на привремената комисија за мониторинг на медиумите ќе трае до завршувањето на изборниот процес.

Во периодот што следува, можни се секакви сценарија во однос на реализација на договорените точки и евентуално одложување на крајните рокови, вели политикологот Митко Гаџовски.

„Мислам дека на секакви можни сценарија треба да бидеме подготвени, односно на одредени калкулации на политичките партии. Доколку одредени одлуки кои се договорени не одат во нивна полза, тие да тактизираат или одолговлекуваат со изговор дека приоритет е помош на настраданите во поплавите. Тоа и е така, но откако ќе заврши тоа, сите треба да се вратат на работните задачи и она што е претходно договорено“, вели Гаџовски.

Сепак, тој е оптимист дека обврските ќе се реализираат, а во случај на некаква пречка, очекува притисок од меѓународниот фактор.

„Ако не се договорат самите политички лидери, тука ќе влијае и меѓународната заедница со одреден притисок за да може целосно да се реализира договорот од Пржино и да добиеме јасна слика до 31 август дали ќе има избори или не. Јас сум оптимист и мислам дека во овој период политичките партии се насочуваат кон предизборна кампања и политички поени“, заклучува Гаџовски.

Ако се оди според планираното и партиските лидери одлучат да има избори, ќе остане формирањето на преодната влада 100 дена пред избори и именувањето на новиот уредник на МРТВ, кој ќе биде на предлог на опозицијата.