Ердоган чисти политички противници, Македонија избирачки список

Архивска фотографија

Објавувањето на списокот со спорни гласачи на домашен и апсењата во Турција по неуспешниот воен удар на надворешен план се главни теми во дневниот печат.

„Канаѓанка пукала во ловци на покемони!“ - објавува Слободен печат во најновиот број. Среќа што популарната игричка не е толку популарна кај нас, инаку... Ама затоа по скопските улици е вистинска кланица. Само Слободен печат објави, со име и презиме: „Урко прегази мотоциклист, момчето се бори за живот!“ Станува збор за поранешниот бодигард на Никола Груевски, чие име се спомнуваше и во „криенката“ околу убиството на Мартин Нешкоски од страна на еден припадник на обезбедувањето на прославата на владејачката партија пред некоја година на Плоштадот во Скопје.

Инаку, „Турските власти отпуштија 2.400 војници, а затворени се десетици медиуми, меѓу кои четири весници и 16 телевизии, уапсени се 47 новинари и разрешени околу 200 вработени во Туркиш ерлајнс“ - објави Утрински. А кај нас, „Молк во МНР за притисоците од Анкара“ - објави исто така Утрински по најавите од шефот на турската дипломатија Чавушоглу дека наводни „предавници“ ќе се бараат и во Македонија. Весникот ја пренесува информацијата на Ројтерс дека повеќе балкански земји трпат притисок од Анкара да ги затвори приватните училишта од мрежата на противникот на Ердоган, Ѓулен, меѓу кои спаѓаат и осумте средни и две основни училишта на институцијата „Јахја Кемал“ во Скопје и во неколку други градови во земјава.

Откако ДИК го објави списокот со спорни гласачи, во Македонија врева: Утрински наслови „Јавни личности на списокот на спорни гласачи“, меѓу кои биле Мирјана Најчевска, нејзиниот сопруг, Сашко Тодоровски, инаку претседател на дипломатскиот синдикат, уставната судијка Гзиме Старова, поранешниот потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев, новинарот Ерол Ризаов и неговиот син, кои инаку веќе повеќе од 20 години редовно го остварувале своето право на глас. Но, Дневник објави: „На стартот слаб одѕив на спорните гласачи – фантомите во Македонија почнаа да докажуваат дека постојат“. Вечер, пак, наслови: „Во списокот нема спорни, туку проблематизирани гласачи само од Заев“, а пак Дневник: „Од каде им на социјалдемократите список со 1,5 милиони гласачи – СДСМ поим нема зошто Заев брише 500 илјади гласачи“. Слободен печат излезе со наслов: „Спорен списокот со спорни гласачи“. Истиот весник регистрира: „На Груевски му ‘легнаа‘ 450 милиони евра, поткупот може да почне!“

Како шлаг на тортата, „Одбиена жалбата на СЈО, нема мерки за претпазливост за Јанкулоска“ - информира Нова Македонија. Јанкулоска инаку е осомничена во случајот „Тврдина“, за уништувањето на опремата во МВР искористена за нелегалното прислушување.

„Законите договорени, изборите сè уште неизвесни“ - објави Утрински. Претседателот Иванов со повторна изјава дека „Во Македонија има 86 повратници од ИСИС“ и дека и во Македонија постојат ризик фактори за терористички напади како и на целиот Балкан.