Во дебарските села се пие неисправна вода

Ментор Мела, епидемиолог од Дебар

Во селските водоводи во општините Дебар и Центар Жупа водата не се хлорира и е неисправна за пиење, велат надлежните.

Во повеќе села во општините Дебар и Центар Жупа населението продолжува да користи неисправна вода за пиење. Ова го тврдат надлежните институции, кои велат дека во селските водоводи во двете општини водата не се хлорира и е неисправна. За тоа месните заедници добиваат решенија од страна на инспекциските служби, но сепак водата продолжува да се пие. Според дебарскиот епидемиолог Ментор Мела од Заводот за јавно здравје во Охрид, единица во Дебар, анализите покажуваат дека водата во селските водоводи е неисправна бидејќи таа не се хлорира, а водоводите не се одржуваат.

„Кога говориме за исправноста на водите во општините Дебар и Центар Жупа, може да нагласиме дека водата во дебарскиот водовод се хлорира во согласност со потребните количества хлор“, вели тој.

РСЕ: Но во градскиот водовод во Дебар има чести прекини поради тоа што во одредени населби нема вода за пиење по повеќе часа. Дали тоа влијае во квалитетот на водата?

Да, честите прекини на водата влијаат врз квалитетот на водата, но по хлорирањето таа може да се користи.

РСЕ: Каква е состојбата на водите во селските водоводи?

Водите во селските водоводи не се хлорираат и ние постојано укажуваме дека водата не смее да се користи без претходно таа да биде хлорирана. Инспекторите им доставуваат такви решенија на месните заедници.

РСЕ: Но, докторе, и покрај тоа што населението користи неисправна вода, се чини дека нема некои масовни инфективни заболувања во овие села.

Да. Сметаме дека населението веќе има стекнато имунитет, но стои и фактот дека бактериите се во помал обем.

Надлежните институции укажуваат на неопходната потреба водата пред користење да се зоврива, но и тоа не се почитува, како што не се почитуваат и решенијата на инспекторите.

Кога говориме за исправноста на водите во Дебар и Жупа, претставниците на Заводот за јавно здравје во Охрид, единица Дебар, нагласуваат дека загадена вода имаат и петте традиционални дебарски чешми кои се наоѓаат во стариот дел на градот, а кои имаат сопствени извори. Оваа институција соопшти дека водата од овие чешми не смее да се користи за пиење, бидејќи таа е загадена.