Прво Интернационално графичко биенале – Скопје

Шеесетина дела на автори од преку 15 земји од светот ја чинат изложбата со којашто вечерва во Музеј на град Скопје се отвора првото Интернационално графичко биенале, нов проект на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) и манифестацијата „Скопско лето“.

Во годината кога ја одбележува седмата деценија од основањето, Друштвото на ликовни уметници на Македонија со нов проект. Заедно со „Скопско лето“ застанаа зад идејата насловена како „Интернационално графичко биенале – Скопје“, која во основа се крепи на потребата за следење на светските графички трендови. Всушност на нивната заложба за промоција на еден од најстарите ликовни медиуми, нешто што во изминативе 32 години беше последователно правено преку изложбата „ДЛУМ Графика“.

Христијан Санев, претседател на ДЛУМ, вели дека нивната цел е да ја мапираат македонската графичка сцена, она што тие го работат, постојниот квалитет во некои светски рамки.

„Графиката како медиум, ние како поднебје, ја негуваме од многу поодамна. Ова подразбира дека имаме извонредни графичари и верувам дека сите тие заслужуваат да бидат презентирани и кај нас дома, напоредно со оние кои го чинат кремот на светската графичка ликовна сцена“, вели Санев.

Тој дополнува дека нивната намера е овој освежувачки проект да стане традиционален и полека, во годините пред нас, да го достигне нивото на една манифестација како „Зимски салон“, којашто исто така го има предзнакот меѓународна.

Инаку, за првото „Интернационално графичко биенале – Скопје“, на распишаниот конкурс пристигнале повеќе од 90 дела на уметници од 15 земји од светот, меѓу кои Кина, Германија, Австралија, САД, Канада, Тајван, Полска, Хрватска и од земјата домаќин Македонија. Од нив петчленото жири одбрало на изложбата во Музеј на град Скопје да бидат претставени шеесетина, кои, пак, рамноправно конкурираат за една од трите награди.

Притоа, Александра Бури од Полска е прогласена за добитничка на највисокото признание, професорот Едвин Драгичевиќ од Сплит, Хрватска, е второпласиран, а зад нив во редот наградени е македонската уметница Маја Кировска. Таа во случајов понудила една своја компјутерска графика од циклусот трудољубиво и студиозно работен пред неколку години.

„Станува збор за стилизирани форми на реални предмети земени од природата и доведени до тој степен кога почнуваат да личат на кристали. Тие всушност обединуваат повеќе универзални принципи на функционирање на природата, на човекот како дел од неа и така натаму. Биеналето дефинитивно ќе прерасне во една значајна манифестација и со самото тоа наградата за мене значи многу“, вели Кировска, која иако дипломирала графика на Факултетот за ликовни уметности повеќе милува да работи во современите медиуми и со инсталации.

Кон ова, само уште информацијата дека на актуелната постановка од првото „Интернационално графичко биенале – Скопје“ се најдоа и делата на македонските уметници Љупчо Бојаров, Златко Глигоров, Ана Димчевска, Наим Идризи, Горан Јованов, Петра Јовановска, Јовица Мијалковиќ, Срѓан Микиќ, Маја Рауник Кирков, Васил Костов и Виктор Семенпеев.