Измените во законите за влада, МВР и медиуми кои вчера ги договорија претставниците на четирите најголеми партии во земјава, најверојатно ќе бидат усвоени на собраниска седница до петок. Извори од партиите велат дека законските измени се однесуваат на тоа што го пишува во договорот од 20 јули, па според тоа не очекуваат какви било опструкции во однос на нивното усвојување. Веднаш по усвојувањето на измените, институциите треба да почнат со спроведување на договореното од Пржино. Крајната оценка за спроведеното треба да ја дадат лидерите на четирите партии кои на 31 август ќе седнат на заедничка маса и ќе потврдат дали условите за одржување на фер и демократски избори се усвоени и дали 11 декември е датумот за предвремените парламентарни избори.
ОД СДСМ велат дека не постојат отворени прашања до 31 август, но на прашањето дали се можни некакви пречки во однос на спроведувањето на договореното, велат дека сè е можно.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за нив изборите на 11 декември се извесни, исто како што биле и на 24 април, но СДСМ е партијата која според нив бега од соочување со граѓаните. Во телефонска порака, Иво Котевски од ВМРО-ДПМНЕ ни напиша:
„Сега просторот за фабрикување на нови лаги и правење на понови планови за бегство е прилично стеснет, а ние како и секогаш со конструктивно работење ќе придонесеме, уште повеќе да се стесни. Заев ќе мора еднаш да се соочи со казната од народот за деструктивната политика и кризата во која ја втурна Македонија“, вели тој.
Дел од политичките аналитичари велат дека, иако формално-правно постои усогласеност кај сите договорени страни, досегашното искуство покажало дека скоро никогаш не оди лесно спроведувањето на она што е претходно договорено. Политичкиот аналитичар Џељал Незири очекува опструкции во спроведувањето на договорот од Пржино, со што се доведува во прашање одржувањето на избори во декември.
„Јас најголеми опструкции или пречки во спроведувањето на овој договор очекувам да бидат во однос на работата на Специјалното јавно обвинителство и во однос на реформите во медиумската сфера. Мој впечаток е дека ниту една од партиите не посакуваат избори во декември. Најнезаинтересирана, според мене, е власта, која како да делува дека е одлучна да оди до крај со нејзиниот мандат и игра двојна игра. Прифаќа договори, но тешко ги спроведува истите. Според мене, најочекувано сценарио е парламентарните избори да се случат заедно со локалните“, изјави Незири.
Покрај измените во законот за влада кои се однесуваат на формирањето на преодна влада сто дена пред избори, пратениците до петок треба да сменат и неколку члена во законот за внатрешни работи. Тие се однесуваат на одложено важење на законот во делот на намалените надлежности на министерот, потоа да му се дозволи на министерот да направи 15 смени во високите раководни структури на МВР и да смени 10 отсто од раководните лица по хоризонтална линија. Во однос на медиумите, пратениците ќе расправаат за воведување на ново ад-хок тело кое ќе ги мониторира медиумите сто дена пред одржувањето на избори.