Конфронтација меѓу екологистите и Општина Битола

Екологистите прашуваат дали најавениот каменолом ќе го загрози здравјето на граѓаните додека концесионерот тврди дека загадување нема да има.

Со денови трае конфронтацијата меѓу екологистите и Општина Битола на актуелната тема околу изградбата на каменоломот за гранит над градот. Од еколошкото здружение „За нас се работи“ обвинија дека претставникот за животна средина од Општина Битола, иако вети, не дојде на трибината што ја организираа за каменоломот, зашто му било забрането. На трибината присуствуваа претставници од Министерството за економија, експерти за животна средина, изготвувачите на проектот, екологисти и граѓани, но празно остана столчето за советникот за животна средина во Општина Битола, Љупчо Атанасовски,.

Душко Груевски од здружението „За нас се работи“ ја обвини општината за нетранспарентност.

„Се надевавме на присуство на лице од Општина Битола, кое беше најавено, но истото лице ни се јави и ни кажа дека има забрана, односно дека нема да присуствува на трибината“, рече тој.

Груевски додаде дека токму општината е на потег.

„Сега е во процес подготовка и издавање на Б интегрирана дозвола и таа ќе ни кажеше нам, на граѓаните, дали и колку овој каменолом е штетен или не по нашето здравје. Штета општината и понатаму останува да биде нетранспарентна за граѓаните на општина Битола. Кога можат господата од Скопје да дојдат и да ни ги кажат оние работи за кои бараме одговори, штета е лицето кое треба да се грижи за животната средина да не дојде и да не каже до каде е постапката“, Душко рече Груевски.

На ова од општината писмено одговорија дека добиле покана без дата, па затоа не присуствувале. Советникот за животна средина Атанасовски во писмената реакција напиша: „Општина Битола никогаш нити потврдила ниту одбила присуство заради тоа што не беше определен конкретниот датум на одржување на јавната трибина, писмен допис со термин не добивме“.

Тој додава дека не му било забрането да учествува, со што се доведува во прашање одговорноста за давање на лажни изјави.

Писмената преписка продолжи со реакција од екологистите. Тие, пак, тврдат дека за датумот лично го известиле во неговата канцеларија. Но, кога им откажувал имало сведок, друго лице во канцеларијата, но во име на човечноста и добронамерноста не сакаат повеќе да го инволвираат во преписката со општината.

Концесионер на каменоломот е фирмата „Стентон“, од каде што тврдат дека ги имаат извадено сите потребни документи за рудникот и дека нема да ја загадуваат животна средина. На трибината, пак, експертот за екологија Илија Кондински изјави дека мерењата на воздухот допрва ќе следуваат.

„Мерењето на квалитетот на воздухот, односно на ПМ 10 честичките на четири локации на парцелата ќе се вршат со почеток на работа на копот. Таму сега се одвиваат подготвителни работи, пристапни патишта и отворање на копот, па нултите мерења ќе можат да се изведат по влегувањето на копот во редовна експлоатација“, изјави Илија Кондински, експерт за екологија.