Договорот потпишан, скепса за спроведувањето

Партиите ќе треба до 31 август да ја оценат примената на договореното и да утврдат датум на предвремените парламентарни избори, кои ќе ги спроведе преодна влада, формирана 100 дена пред нивното одржување.

Од краен скептицизам до воздржан оптимизам се првичните реакции по постигнувањето на договор меѓу четирите најголеми политички партии во земјава за излез од политичката криза. Партиите ќе треба до 31 август да ја оценат примената на договореното и да утврдат датум на предвремените парламентарни избори, кои ќе ги спроведе преодна влада, формирана 100 дена пред нивното одржување.

Професор Нано Ружин вели дека е пријатно изненаден од потпишувањето на договорот со кој ќе се реализира договореното од Пржино, но сега со конкретни насоки кои недостасувале.

„Всушност ние сега сме пред една најважна фаза, а тоа е имплементацијата на тоа што е договорено. Јас сум скептичен, бидејќи имаме многу научени лекции од овие договори и неисполнување на истите. Скептик сум дека ќе почне најсовесно да се исполнуваат одредени параметри од овој договор и исто така пред се во нивното толкување“, вели Ружин.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, пак, е оптимист дека ќе се реализира договореното, токму поради конкретните насоки кои овој пат да се имплементираат.

„Дали тие ќе се реализираат до 31 август или евентуално може да дојде до некое кратко пролонгирање тоа е веќе друга работа и треба да почекаме за да видиме. Но, начинот на кој е постигнат овој договор ми дава за право да верувам дека тоа што е договорено ќе се имплементира, затоа што прецизно се дефинирани некои работи и ги имаат начините како да се контролираат“, вели тој.

Муслиу додава дека тајмингот сега е прашање од втор ред, бидејќи партиите се флексибилни околу датумот на изборите. Но, според него, ако темпото е задоволително може да се очекуваат избори во оваа година или пак најдоцна наредната, заедно со локалните. Ружин очекува и дека меѓународниот притисок ќе го направи своето за постојано забрзување на процесите ќе се дојде до реализација на договореното.

„Првиот тест е да видиме што ќе се случи во следните 15 до 20 дена и што практично ќе биде започнато со реализација. Тоа ќе биде ударниот тест да видиме каква е способноста и пред се подготвеноста на ВМРО ДПМНЕ да ги прифати овие работи“.

Како евентуален датум за спроведувањето на изборите беше спомнат 11 декември, а дел од договорот на партиите се и одредени насоки кои ќе треба да се спроведат после изборите односно министерот за внатрешни работи да доаѓа од редовите на ДУИ.