Во Турција се апси, а Ердоган ги повика САД да го екстрадираат Ѓулен

Турската влада соопшти дека за време на неуспешниот државен удар во ноќта меѓу петокот и саботата загинале 265 луѓе од кои 161 цивил и 104 кои учествувале во обидот за државен удар.

Турските власти затворија илјадници лица осомничени за вмешаност во неуспешниот обид за воен удар.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека обидот за пуч на „терористичката група“ на имамот Фетулах Ѓулен не успеа поради волјата на народот.

Тој, на погребот на неколкумина убиени за време на обидот за воен удар, посочи дека ќе продолжи чистењето на тој „вирус“ од државните институции.

Ердоган најави и дека ќе продолжат апсењата на тие кои ги „уништиле“ вооружените сили.

Тој повторно ги повика граѓаните и неговите приврзаници да останат на плоштадите.

Во апсењата се вклучени високи воени офицери и 2.700 судии. Повеќе од 50 високи офицери беа уапсени денеска, а министерот за правда, Бекир Боздаг, ги опиша апсењата како „расчистувачка операција“, велејќи дека бројката од околу 6.000 вкупно уапсени лица се очекува да се зголеми. Властите објавија дека најмалку 265 лица загинаа во судирите. Премиерот Бинали Јилдирим рече денеска дека животот се враќа назад во нормала по немирите во Истанбул и во главниот град Анкара. Тој рече дека централната банка, пазарите на капитал, банкарскиот систем и берзата работат со нивниот нормален распоред.

Авионите исто така, почнаа да слетуваат на аеродромот Ататурк во Истанбул уште во текот на вчерашниот ден, а земјата полека се враќа во нормала по обидот за државен удар во кој загинаа најмалку 265 луѓе, а повеќе од 1.400 се повредени.

Турските власти уапсија висок судија и турскиот командант на Единицата за брзо реакција на НАТО под обвиненија за предавство, по обидот за државен удар, кој започна кон крајот на 15 јули, кога дел од турската војска објави дека дошла на власт во земјата.

Анкара веднаш излезе со обвинување дека зад обидот за удар стои мрежа на поддржувачи на 75-годишниот муслимански свештеник Фетулах Ѓулен, кој живее во егзил во државата Пенсилванија во САД. Ѓулен ги демантираше обвинувањата и изјави дека тој немал сознанија за обидот за државен удар и осуди каков било насилен обид за соборување на турската влада, на која тој е жесток критичар. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на собирот во Истанбул вчера побара од американските претставници да го екстрадираат Ѓулен. Тој живее во САД од 1999 година.

„САД, вие треба да го екстрадирате тој човек“, изјави Ердоган пред илјадници негови приврзаници во Истанбул.

„Се обраќам кон претседателот на САД. Велев дека вие треба или да го депортирате тој човек или да ни го предадете, но не бев слушнат. Сега по овој обид за преврат, повторувам: Предадете и го на Турција“, истакна Ердоган и додаде дека Ѓулен, кој живее во американската држава Пенсилванија е на листата терористи по кои трага Турција.

Ердоган нагласи дека доколку Турција и САД се стратегиски партнери тие треба да ги почитуваат условите на тоа партнерство.

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави вчера дека администрацијата на Обама ќе го разгледа барањето за екстрадиција на Ѓулен, но ќе се согласат само ако Анкара покаже јасен доказ за вмешаност на муслиманскиот свештеник во државниот удар. Говорејќи во Луксембург, Кери рече дека Турција официјално не побарала екстрадиција на Ѓулен.

Агенциите објавија дека Кери исто така му кажал на министерот за надворешни работи Мехмет Чавушоглу дека тврдењата оти САД наводно се вмешани во обидот за спречениот државен удар во Турција се штетни за односите меѓу двете земји сојузници во НАТО.

Турската државна агенција Анадолија во меѓувреме објави дека властите откриле планови и пронашле списоци на кои се наведени имињата на лицата кои би биле команданти и нивни заменици за време на вонредната состојба, ако ударот успее.

Некои војници од воената база Инџирлик се вмешани исто така во обидот за државен удар и се приведени.

Меѓу приведените во војската се и командантот на Третиот корпус Ердал Озтурк и командантот на втората дивизија Адем Худит.

Турските власти вчера издадоа наредба 2.745 судии и обвинители да бидат уапсени за поврзаност со обидот за воен удар во земјата.

Десет членови на судскиот совет се разрешени од должност, а се трага по уште 140 судии за кои постои сомневање дека учествувале во државниот удар.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Џон Кери денеска изјави дека безуспешниот обид за државен удар во Турција не ја прекина борбата против екстремистичката група Исламска држава. Турција, која е голем американски сојузник во регионот, им овозможи на САД да ја користат воздушна база во Инџирлик за напади против милитантната група. Овие воздушни напади беа блокирани, привремено, од турската влада, по државниот удар. Пентагон соопшти дека денеска турските власти повторно ја отвориле воената база во Инџирлик и операциите предводени од САД против ИД продолжиле.