Над 200 бегалци веќе четврти месец без регулиран статус се наоѓаат на македонска територија, во двата кампа на граничните премини во Гевгелија и Куманово. Активистите кои се присутни на терен велат дека тие се чувствуваат депресивно поради неможноста да се движат надвор од камповите, бидејќи не сакаат да побараат азил во Македонија, а земјите од Европската унија одбиваат да ги примат.
„Ние немаме никакви правни рамки како да ги префрлиме во Европа, бидејќи Европа не ги сака, не сака да слушне за тоа и не дава никаков одговор дали има шанси и на кој начин ќе почне префрлувањето на овие бегалци. Има еден проблем. Според Договорот меѓу ЕУ и Турција за обединување на семејствата, бегалците од земјите членки на Унијата можат да бидат соединети со своите семејства на територија на ЕУ, но бидејќи ние не сме дел од ЕУ, земјите членки одбиваат да ги примат нашите бегалци“, вели Јасмин Реџепи – активист од организацијата „Легис.“
Тој раскажува дека за неколку бегалци сместени кампот во Гевгелија кои имаат семејства во Германија, од германската амбасада во Скопје било побарано да бидат префрлени во Германија, но од амбасадата одговориле дека тоа е можно само доколку бегалците бидат префрлени во Грција и оттаму побараат можност за обединување.
Во изминатиов период, бројот на бегалци и мигранти во камповите значително е намален, но расте бројот на случаи на илегална миграција. По затворањето на европските граници во март годинава, во Македонија беа заглавени околу 1.500 бегалци кои имаа легални документи за транзит, но забраните во Европа ретроградно важеа и за нив и тие не можеа да го продолжат својот пат.
Во меѓувреме, околу 1.300 бегалци од кампот кај Табановце илегално ја поминаа граница кон Србија, и според извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права на почетокот на неделава во Куманово имало 76 бегалци и 133 во Гевгелија. Во извештајот на организацијата се вели дека во кампот Винојуг се носат и бегалци затекнати на илегални патишта и потоа се префрлаат во Грција.
Полицијата минатиот викенд во камион во село Ваксинце пронајде 73 мигранти од Авганистан, Сирија, Пакистан и Бангладеж коишто ги превезувал 35-годишен човек за паричен надоместок. Јасмин Реџепи вели дека со затворањето на границите криумчарите добиле повеќе работа.
„Имаме голем број на илегална миграција и најтешките случаи, односно луѓе кои не можат да бидат вратени назад, се задржуваат во Гевгелија. Значи, семејства со бремени жени и мали деца и такви има околу триесетина“, вели тој.
Реџепи вели дека поради веројатноста од втор бегалски бран, активистите и надлежните треба да бидат подготвени особено поради активната медитеранска рута од Египет и можноста за повторно активирање на балканската рута, доколку ЕУ не се договори со Турција.