Во Велестово, во пазувите на Галичица, во селото со најубав поглед на Езерото, наново ќе се слави моќта на поезијата. По 28-ми пат од Чешма ќе одекне поетската реч, ќе се чествува творештвото на еден домашен автор, ќе има изложби, концерти, промоции... но сето тоа овојпат на 30-на дена пред добропознатиот термин.
Идејата е како што велат организаторите да се збогуваат со пренатрупаниот августовски календар на културни настани што вообичаено се случуваат во Охрид и така да се впие малку повеќе медиумско внимание и присутност од публиката, од творците и од љубителите на поезијата.
„Целта ни е и во иднина да бидеме малку пофлексибилни со терминот на одржувањето на манифестацијата. Едноставно би сакале настанот медиумски подобро да биде покриен, до што повеќе луѓе да допре информацијата за тоа што ние правиме на „Поетска ноќ Велестово“ и нормално да имаме што поголем број на луѓе, на публика, кои ќе дојдат на Чешма, да бидат таму, да слушнат и да видат, да ја почувствуваат оваа поетска, но и мултимедијална магија во чии рамки покрај зборот се и ликовната уметност, музиката...“, вели Јулијана Величковска, член на организациониот одбор на Манифестацијата.
Таа дополнува дека ова е само една од нивните бројни идеи за збогатување и афирмација на случувањето, но признава дека не често нивните желби и стремежи, полежуваните новини, се среќаваат со буџетот со кој што располагаат. Притоа, како што вели, наспроти потребата да внесат свежина, не забораваат и на традицијата. На имињата на великаните кои досега, во изминативе безмалку три децении, биле чествувани во Велестово. На Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Радован Павловски...
Од друга страна, за нив како потписници на ова несекојдневно случување, од посебна важност е и тоа што веќе осма година по ред се обидуваат да ја интернационализираат манифестацијата преку „Глобалното поетско село“ во чии рамки досега биле претставени дузина знаменити поети од светот.
„Претходно сме имале и театарски претстави, музички концерти, секогаш имаме ликовни изложбри и т.н. „Поетска ноќ во Велестово“ е многу повеќе од само настан на којшто се слави поезијата, туку е и настан на кој воошто се слави културата. Културните вишнеења.“
Инаку, летово на првата вечер која вообичаено е посветена на еден македонски поет и неговото севкупно поетско творештво ќе биде чествуван поетот Санде Стојчевски. За него ќе беседи Зоран Анчевски, кој знае да каже дека „Стојчевски е поет кој непрестајно до ден денес ја разгатнува тајната на поетскиот збор, на уметничката вредност на поезијата и кој ао своите долгогодишни полемички текстови во периодиката и како посебни наслови со благороден тон ги довршува своите расправи за поетиката со голем број поетичари од негов ранг“. Стиховите кај Чешма ќе ги читаат членовите на независната театарската група „Аматер“ од Охрид, а случувањето ќе биде збогатено со мини-концерт на младиот Петар Кочовски, кој во септември годинава ќе учествува на Светскиот натпревар за хармоника што ќе се одржи во Русија.
Веднаш потоа, во тремот на црквата „Успение на Света Богородица“ ќе биде отворена уметничката изложба на академскиот сликар Стефан Хаџи Николов.
Втората ноќ е резервирана за ирската поезија. Ќе биде промовиран зборникот во кој се застапени 11 современи ирски поети што го подготвија Центарот од Корк и ПНВ публикации од Скопје, а дел од своите песни ќе читаат присутните поети, гости на „Поетска ноќ“ - Патрик Котер кој трет пат доаѓа во Македонија, Џери Марфи, Били Рамзел и Алва Ни Гиарвуи – чиј настап ќе биде на нејзиниот мајчин ирски јазик.
„Мојата идеја за целиот овој настан беше да се направи некоја слична манифестација во Ирска или барем да се објави Антологија на современа македонска поезија на Островот. Во насока на тоа организиравме и едно „Поетско пладне“ кое ќе се случи на 18 јули, во библиотеката „Глигор Прличев“ каде што покрај овие четворица ирски поети кои што се дојдени како гости своја поезија ќе читаат и десеттина македонски творци. Се надеваме дека ќе се оствари некоја комуникација. Дека ќе разменат луѓето своја поетика, интереси ...и дека сево ова ќе резултира со некој убав проект во кој и македонската поезија ќе биде презентирана надвор од земјата“, појаснува Величковска.
И, уште нешто. Во рамки на „Поетската ноќ“ ќе биде промовирана и книгата „Сеќавања“ на авторот Климе Дулески, во која се опишани сеќавања, приказни и случки што биле пренесувани низ времето, а се однесуваат на селото Велестово.