Топло е и трошете повеќе, но не арчете џабе вода!

Илустрација

Техничка вода во поголем дел на Скопје нема, а хидранти, чешми течат низ градот и по парковите на Скопје. Граѓаните признаваат дека трошат повеќе вода, но повеќето од нив тоа го сметаат за нормално.

Порастот на дневните температури кои го поминуваат 40 степен, очекувано ја зголеми и потрошувачката на вода. Сè повеќе граѓани трошат големи количества вода за наводнување на земјоделските и дворни површини, а оваа појава се забележува и во руралните и во урбаните средини. Граѓаните признаваат дека трошат повеќе вода, но повеќето од нив тоа го сметаат за нормално.

„Во демократските земји, полевањето се врши со техничка вода, не со вода за пиење. Тоа е само уште еден доказ дека ние сме незрела и недемократска држава. Секој ден има доказ за тоа“.

„Гледате дека нема вода. Луѓе што живеат на повисоко немаат вода, а некои си полеваат доле. Треба да имаме соживот, разбирање. Ние луѓето немаме свест. Гледаме на комшијата лошо да му направиме. Јас имам, тој нека нема“.

„Во принцип внимавам на рационално користење на водата. Гасење на чешмата кога се мијат заби, така што се трудам колку што можам. Но, мора свеста да се подигне кај луѓето генерално на повисоко ниво“, велат анкетираните граѓани.

Од Јавното претпријатие Водовод и канализација велат дека потрошувачката на вода во последниот период е зголемена за околу 10 до 15 проценти.

„Во овој момент состојбата е под контрола и очекуваме така и да остане низ целиот летен период“, се вели во одговорот од ова претпријатие.

„Изворот Рашче ги задоволува моменталните потреби на граѓаните на Град Скопје и засега нема потреба од приклучување на бунарите во системот. Критични точки секогаш се руралните средини во градот Скопје“, велат од Водовод и апелираат до корисниците рационално да се користи водата за пиење.

Упатените во оваа област велат дека нерационалното трошење на водата може да се спречи преку засилени кампањи за подигнување на свеста кај граѓаните, но и преку носење на законска регулатива која ќе ја спречи употребата на водата за пиење за наводнување, а наместо таа, ќе се користи техничката вода од бунари.

„Ние немаме правило дека водата за пиење не смее да се користи за наводнување на дворови. И да се воспостави тоа, после е прашање како ќе се контролира. Кога би ја поделиле техничката од водата за пиење, техничката би била многу поевтина и никој не би пуштал вода за пиење за наводнување. Значи, тука постојат серија на мерки пред се за покачување на јавната свест и обезбедување алтернативен извор за наводнување“, вели професорот Ордан Чукалиев.

Тој предупредува дека несовесното трошење на водата како енергија, носи големи последици за животната средина.

„Во периодот многу вода се троши за наводнување, се исцрпуваат бунарите, паѓа нивото на подземните води. Во земјоделството се случуваат и тие проблеми. Се става преголема количина за наводнување, се загадуваат подземните води бидејќи водата ги пренесува ѓубривата и пестицидите кон подземните води и ги загадува, па оттука и последиците се големи“, вели Чукалиев.

Поголемата потрошувачка на вода логично носи и поголеми сметки за вода. Но, според Чукалиев, во Македонија е препознатлива и појавата на вртење на водомерите, односно нивно враќање наназад. Па така, вели тој, и оној кој потрошил двојно количество на вода, тоа не го гледа во неговата месечна сметка.