Достапни линкови

Невообичаено влажно лето


Интеракцијата меѓу океаните и континенталните површини ги дефинираат и карактеристиките на времето, објаснуваат експертите.

Ова лето атмосферата е повлажна и има повеќе променливо време и помалку сонце, што не е вообичаено, и затоа сите граѓани се прашуваат што се случува со нашата клима. Причините за овие промени во времето, стручњаците ги објаснуваат со влијанието на поларните маси.

Во текот на оваа сезона, овој, континентален дел од Европа беше повеќе под влијание на онаа поларна воздушна маса, кое што е различно од она субтропско влијание што ние сме навикнати често да го среќаваме во летните периоди.
Владо Спиридонов, универзитетски професор.

„Во текот на оваа сезона, овој, континентален дел од Европа беше повеќе под влијание на онаа поларна воздушна маса, кое што е различно од она субтропско влијание што ние сме навикнати често да го среќаваме во летните периоди. Граѓаните се свесни дека во такви услови имаме високи, летни температури, понекогаш и кога ќе се задржи таа топлина во континенталниот дел имаме горештини, односно тропски лета. Тоа оваа сезона го нема и сите сме свесни дека нешто се менува во односот на сезонското влијание на времето и климата“, вели професор Владо Спиридонов, вонреден професор на Природно-математичкиот факултет.

Eве сведоци сме дека и кај нас ваквата временска ситуација, овој модел на циркулација имаше големи влијанија.
Владо Спиридонов, универзитетски професор.

Вториот фактор кој се одразува врз климата е студот што во текот на зимата ги зафати Америка и Канада, а има и трета причина, која, според научниците, е основна во сезонското влијание што го чувствуваме во овој регион. Тоа е што во април и во мај континенталниот дел на Европа многу побргу се загрева отколку Северно-атлантскиот океан. Таа интеракција меѓу океаните и континенталните површини ги дефинираат и карактеристиките на времето, објаснува професор Спиридонов.

Таа разлика меѓу копното и океанот предизвика и разлика во температурите на самите воздушни маси, односно транспорт на влажен и свеж воздух од Атлантскиот Океан кон Европскиот континент.

Професор Спиродонов објаснува дека тоа создало циркулација која вообичаено се нарекува европски монсун. Тоа не значи монсун како што се случува во југоисточниот дел на Азија и Индискиот Океан, туку се работи за западна циркулација, односно Европски монсун со многу помала изразена форма.

„Наликува во еден мал дел на овој Индиски монсун, меѓутоа кога би сакале да опишеме еден Индиски монсун таму навистина процесите се многу побурни, затоа што се работи за една голема термика и една динамика што се создава и кога имаме обилни врнежи. Меѓутоа, еве сведоци сме дека и кај нас ваквата временска ситуација, овој модел на циркулација имаше големи влијанија“, вели Спиридонов.

Сведоци сме дека ваквата временска ситуација имаше големи влијанија, особено во мај кога имаше поплави во Србија и во Босна, потоа имаше поплави и во Бугарија, а кај нас имаше невреме и олуи.

Во меѓувреме сè почесто се експлоатира прашањето на климатските промени и дека глобалното затоплување влијае на сите овие процеси што се случуваат. Научниците се воздржани и велат дека не постои научна евиденција дека овие промени се резултат на тоа глобално затоплување. Но, според петтиот извештај на меѓувладиниот панел за климатски промени, јасно се истакнува дека се зголемува жестината и интензитет на атмосферските екстремности и сето тоа го поврзуваат со концептот на глобално затоплување и ефектот на стаклена градина. Стручњаците велат дека многу фактори влијаат на климатските промени и оти тоа е предмет на дополнителни научни истражувања.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG