Средба на џезот и класиката на Скопско лето 2016

Концерт на македонските уметници Бранко Павловски и Ема Потевска Попивода.

„Средба на џезот и класиката“ е насловен концертот, што во рамките на актуелното Скопско лето, овој петок на 15 јули, во Националната галерија на Македонија – Даут пашин амам, ќе го одржат македонските уметници Бранко Павловски и Ема Потевска Попивода, и нивниот гостин од САД – пијанистот Вилијам Харн.

Дела на великаните Џорџ Гершвин, Астор Пијацола и Скот Џоплин, и на реномираниот кларинетист и професор на белградската Музичка академија - Анте Гргин, ја чинат програмата на концертот „Средба на џезот и класиката“, што заеднички го потпишуваат кларинетистот Бранко Павловски, пијанистката Ема Потевска Попивода и нејзиниот колега Вилијам Харн од САД. Станува збор за несекојдневна средба на врвни инструменталисти што треба да се обистини во преубавиот амбиен на Даут пашин амам, во рамките на годинешното издание на манифестацијата Скопско лето.

Павловски говорејќи за програмата вели дека одбрале дела кои содржат џез идиоми или примеси на џез, или се пишувани од композитори кои што твореле класична музика и едновремено свиреле џез.

Како пример за тоа ги посочува гершвиновата „Рапсодија во сино“, пијацоловите „Историја на тангото“ во четири става и популарниот „Обливион“...

Дополнува дека се одлучиле за една ваква програма со идеја да бидат малку поразлични од останатите репродуктивни уметници во Македонија и да го следат сопственото убаво искуство во комуникацијата со пошироката публиката. Конечно да му дадат одишка на личниот сензибилитет и потребата да се излезе од строгите рамки на класиката.

„Иако постои некоја слобода при интерпретацијата што на повидок ја изнесува желбата на уметникот да му се даде некаков личен белег на делото сепак класичната музика вообичаено ве става во некои построги рамки каде што сè треба да биде многу точно и прецизно. Чувството и потребата за слобода која што на некој начин ја нуди џез музиката беше предизвик за нас, поконкретно за мене, а на сето ова, од друга страна, му кумуваше и фактот што јас студирав и предавав во САД...па така можеби и тука се рефлектираше влијанието на џезот.“

Инаку, Бранко Павловски е македонски кларинетист со интернационална репутација и вонреден професор на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Тој докторирал на Факултетот за музичка уметност на Државниот универзитет на Луизијана во Батон Руж, САД, во класата на Роберт Дилутис, каде работел како асистент се до 2011 година.

За својата плодна концертна активност на фестивалите и културните манифестации во земјава и во светот, Павловски е добитник на бројни награди и признанија меѓу кои посебно се значајни Музичката награда на Луизијана, наградата „26 јули“ од Франк Манинг од Лондон за најдобар студент на Факултетот за музичка уметност во текот на учебната 1997/98 година и наградата „8 Октомври“ за постигнати значајни резултати од областа на културата и музичката уметност.

Знаејќи го сево ова, повеќе од јасно е присуството на концертот на неговиот пријател и пијанист Вилијам Харн. Тој како гостин во случајов со својата инструменталистичка умешност и потребата за експеримент ќе посегне по творештвото на Скот Џоплин.

„Со Бранко сме пријатели од студентските денови на Универзитетот во Луизијана. Неодамна настапив на Меѓународниот музички фестивал во Дуино, Италија, а во октомври ќе бидам на Интернационалната музичка академија и на фестивалот „Пабло Касалс“ во Прад, Франција и ќе имам мастеркласови со Оливие Гардон од Националниот конзерваториум од Париз. Моментално го работам докторатот во Колорадо, а таму има прекрасни музичари со кои некаде пред две години започнав да ги откривам и тајните на џезот. “

Ема Потевска Попивода, пак, е пијанистка со богата меѓународна присутност и вистински амбасадор на македонската култура во светот. Таа докторските студии по пијано со највисок успех ги завршила во 2014 година под менторство на проф. Стела Слејанска и проф. Димитрије Бужаровски, добитник е на бројни награди и признанија и со Павловски се колеги-педагози на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Нивната соработка започнала пред четири години и досега зад себе имаат повеќе заеднички настапи со различна програма. Со проектот „Средба на џезот и класиката“, што во случајов премиерно ќе биде изведен на фестивалот Скопско лето, во септември најнапред ќе се претстават во Македонскиот центар во Софија, а веднаш потоа и во Центарот за музика во Солун. Таму гостин ќе им биде кларинетистот Јоргос Кезикос, со кого и досега неколкупати соработувале.

„Нашата цел е да создадеме една платформа за меѓународна комуникација. За еден музички свет без граници. Да оствариме соработка со колеги од сите земји. Соработката е клучна за уметниците пред се поради можноста да настапуваат на други сцени, а и да градиме репутација во интеракција со истакнати интернационални творци“, вели Попивода.