Стечајците заборавени од сите

Стечајците велат дека на нив не се сеќава никој, ниту власт, ниту опозиција, а не ги спомнува ни невладиниот сектор, но тие не се откажуваат од својата борба и најавуваат дека ќе ја блокираат патарината на автопатот на излез од Куманово кон Скопје.

Повеќе од една деценија стечајните работници вклучени во Здружението УНИТ за Куманово, Старо Нагоричино и Липково на сите можни начини се обидуваа да ги остварат своите егзистенцијални права, загубени поради приватизирање на фирмите и нивно останување на улица.

Љиљана Георгиевска вели дека во времето на политичката криза и секојдневните „шарени“ протести, стечајците се заборавени од сите. Но, тие не се откажуваат од својата борба иако сè потешко можат да ја водат, а со зголемениот морталитет нивната бројка се намалува.

„Стечајците кога протестираа и кога беа по улиците ниту некој смееше да излезе, ниту пак нешто да каже. Не постоеше ниту „Шарена револуција“, ниту некој друг. Не сакам да напаѓам, но ми се чини дека и оваа „шарена револуција“ е некоја борба секој да си најде некое место во општеството, а стечајците се фрлени на страна, никој не ги споменува, како да не постојат во државава. Ниту опозициските партии, ниту невладиниот сектор, ниту кој било не ги споменува. Секој ден стечајните работници умираат“, вели Георгиевска.

Георгиевска додава дека единствено им останува пак да излезат на улица, без оглед дали ќе бидат забележани или не, зашто, како што вели, ножот веќе не е до коска, туку длабоко навлегол во неа. Затоа според неа во најскоро време тие два часа ќе ја блокираат патарината на автопатот на излез од Куманово кон Скопје, зашто друг излез немаат. Не им е битно дали е дозволено или не, зашто во оваа држава секој прави што сака, вели Георгиевска.

Стечајците подолг период добиваат помош од локалната самоуправа во Куманово.

„Ни ги плаќа комуналиите, ѓубрарина и сметките за вода, слободен возен билет за оние стечајци кои се од приградските населби, а и кога ќе бараме еднократна помош и тогаш ни излегува во пресрет, за што сме благодарни.“

Поради тоа некои од ВМРО-ДПМНЕ им забележуваа дека добиваат пари од локалната власт на СДСМ.

„Никогаш ниту Љиљана Георгиевска, ниту Али Османи не земале пари од никого, ниту имаме намера. Зашто утре ако дојде опозиција на власт ние нема да можеме да зборуваме затоа што сме биле платени, ниту на нечиј платен список. Најпосле ние немаме ниту леб да јадеме, ама сепак сме многу горди.“

Георгиевска додава дека во УНИТ се четири илјади стечајци и не е човечки да бидат продадени како што тоа нив им се случило од Стојан Стојанов.

Меѓу стечајците според Османи има и околу 400 Албанци од Липково и од Куманово.

„И тие луѓе немаат што да јадат. Да видите по селата како им е, трпат за леб. Страшно е. Сите се во иста состојба. Ние не сме само за себе, да бевме такви на времето ќе земевме по 20 илјади евра со Љиљана и ќе се тргневме. Не го сторивме тоа.“

Георгиевска појаснува дека тоа им се случило пред четири години.

„Ни беа понудени по 20 илјади евра од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ и да ги влечкаме стечајците. Нудени ни се и работни места, мене во ХЕС, а на Али како стражар во училиште или во Театарот. Секако дека одбивме зашто зад нас стојат гладни луѓе и тоа е уште еден доказ дека никој не може да не купи, ниту власта, ниту опозицијата.“

Георгиевска и Османи додаваат дека на стечајците секој ден им е се потежок, но сепак се надеваат дека кога централната власт ќе се смени ќе биде усвоен нивниот Предлог -Закон за обесштетување до пензија на оваа категорија граѓани.