Новата еврообврзница е причина за вечерашниот протест на Шарената револуција. Активистот Бранимир Јовановиќ наведува дека нема да прифатат државата и граѓаните да тонат во долгови.
„Ние не можеме да прифатиме ваква еврообврзница. Тоа е неодговорно од оваа влада, затоа што станува збор за превисок износ на пари. Дополнително, каматните плаќања во годините што следуваат ќе изнесуваат околу 300 – 400 милиони евра. Тоа е превисок износ“, вели Јовановиќ.
Дел од критиките на Шарената револуција се однесуваат и на тоа дека во однос на еврообврзницата нема никакви информации на веб-страницата на Министерството за финансии, ниту презентација пред јавноста за нејзината потреба.
„Целиот процес е нетранспарентен, се води на многу затворен начин. И поради сите овие причини, ние решивме да излеземе на протест и да се спротивставиме на ова задолжување“, вели Јовановиќ.
Задолжувањето кое може да достигне 650 милиони евра преку издавање нова петта по ред еврообврзница стана предмет и на политички препукувања. Опозицијата укажува дека не постои законска основа за издавање на еврообврзница, но Министерството за финансии реагира дека еврообврзницата се издава согласно законската регулатива и цитира членови од Законот за јавен долг и Законот за Влада. Во меѓувреме, од Министерството за финансии ги демантираат информациите објавени во некои медиуми дека претставници на домашните банки ќе се сретнат со министрите во врска со еврообврзницата.
Неколку дена по објавата на владата за новата еврообврзница не стивнуваат и реакциите на економистите. Поранешниот гувернер на НБРМ Петар Гошев предупредува дека тоа е огромно задолжување и оти Македонија влегува во критична фаза.
„Лудилото продолжува. Овој износ, кога би го земале целиот, тој заедно со каматата ќе изнесува околу една милијарда евра. Тоа се 12 проценти од БДП. Македонија влегува во критична зона. Одговорноста е планетарна“, вели Гошев.
Инаку, според досегашните податоци, кон крајот на март годинава, бруто надворешниот долг на Македонија достигнал 6,7 милијарди евра. Гошев го изнесе ставот дека задолжувањето е нерационално и во исто време дека целта е задржување на власта.
„Целта е да продолжат со политичката корупција и да продолжат да ја крчмат Македонија сè до нејзиното дефинитивно колабирање“, вели Гошев.
Одлуката да се задолжува преку еврообврзница владата веќе ја објави во Службен весник, а денеска веќе се очекува да пристигнат и првите инвеститори. Инаку, денеска претставници на Министерството за финансии заминуваат на роуд-шоуа во Европа и во Америка, каде ќе се сретнат со потенцијалните инвеститори на коишто им ги изнесуваат своите аргументи за да ја купат еврообврзницата.