Не можеме долго да издржиме ниту политички, ниту економски во ваква криза и затоа решение треба да се најде поскоро вели во интервјуто на Радио Слободна Европа аналитичарот Сашо Клековски. И германскиот посредник Јоханес Хајндл по состаноците во Скопје истакна дека меѓународната заедница очекува напредок до годишнината од договорот од Пржино, т.е. до 15 јули.
Клековски смета и дека проблемите во спроведувањето на договорот произлегуваат од тоа што ВМРО-ДПМНЕ верува дека ќе победи на изборите и затоа ја преферира политичката разврска, а СДСМ смета дека правната разврска работи во нивна корист и затоа одолговлекува со други прашања.
„Мора да ги има двете, мора да има политичка и правна разврска. Двата столба на пржинскиот договор не смеат да се употребуваат еден против друг бидејќи на Македонија и се потребни двата столба“, вели Клековски.
Според него македонските лидери немаат капацитет за политички дијалог и поради тоа очекуваат некој од надвор да ни ги реши проблемите. Во тој контекст се коментираат и преголемите очекувања од посетата на американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Викторија Нуланд, која в понеделник доаѓа во Скопје. Таа е сепак во регионална турнеја и покрај Македонија ќе ги посети и Албанија и Косово додава Клековски.
„Ние треба да пораснеме. Јас мислам дека на повеќето во Брисел, Вашингтон и Берлин им е преку глава од нашата неспособност за водење политички дијалог и договарање“, вели Клековски.
Според аналитичарот Алберт Муслиу државава секогаш има преголеми очекувања од странците, но моментот сега сепак е поинаков. Имаме среќа додава тој што целиот регион периодов е во фокусот на американската политика.
„Со доаѓањето на Нуланд и со веќе реализираната посета на Ханјдл нашите политички елита нема да имаат веќе избор или излез да го ескивираат решението на целата ситуација и верувам дека процес уште иднината недела ќе се одблокира“ вели Муслиу.
И тој смета дека македонските политичари немаат капацитет за дијалог и сами да ги решат проблемите. Според него меѓудругото причината за големото потпирање на странскиот фактор е тоа што на тој начин полесно се оправдуваат пред своето членство за отстапките што ги прават.