„Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ презентацијата што заедно ја потпишуваат Биљана Тануровска – Ќулавковски и Ивана Васева има елементи на перформанс што авторките драматуршки го изработиле заедно со словенечкиот теоретичар и драматург Рок Вевар. Според нив, станува збор за еден вид експериментален формат и структура која има за цел да ги нагласи и истакне условите и контекстот во кој работат културните работници. Посебно оние од независната културна сцена, всушност оние кои работат самостојно и не се дел од државниот или од приватниот сектор во земјава.
Оваа нивна презентација се базира на подготовката на иницијативата „Работничките права на културните работници – Позиција на културните работници во независната културна сцена во Македонија“ која се подготвуваше во изминативе неколку месеци, во работни групи во кои учествуваа и Виолета Качакова, Ивана Драгшиќ, Нада Пешева, Сафет Ахмети, Никола Узуновски, Мирко Попов, Ненад Тонкин, Гоце Наумов, Влатко Георгиев, Климент Поповски, Елена Ристеска, Сабрина Железник, Анастасија Петреска, Гордана Јордановска, Сања Арсовска, Ивана Павлаковиќ, Наталија Теодосиева, Симона Димковска и Милан Живковиќ.
Ивана Васева истакнува дека оваа иницијатива, генерално, има идеја да направи промена во Законот за култура на Република Македонија каде што покрај самостојните уметници воопшто не се застапени стручњаците во културата односно културните работници. Вели дека преку неа тие сакаат да направат промена во Законот и во Правилникот за самостојните уметници, а оваа презентација ја сметаат за јавен чин како тоа да се изрази, да се продискутира, да се изанализира пред јавноста и да се сподели мислењето од публиката.
„Целта на оваа иницијатива е од позиција на учесници во независната културна сцена да го преиспитаме терминот културен работник – слободен уметник и стручњак за култура, односно да дадеме предлози за негово (ре)дефинирање во рамки на „Правилникот за утврдување на критериумите, постапката и начинот на обезбедување на поволни услови и надоместоци од средства на републичкиот буџет, на самостојните уметници“, како и постоечкиот Закон за култура“, вели Васева.
Таа вели дека во Правилникот се застапени повеќе самостојни уметници од сите области како филм, театар, ликовна уметност, музика, но дека ги нема поновите професии како што се куратори за современа уметност, куратори за современи изведувачки уметности, теоретичари и менаџери во културата, современи изведувачи. Дека дошло време и за промена на ваквата легислатива.
„Сега се појавува и таа нова категорија независни куратори коишто исто така помагаат да се развие целата таа сцена на современа визуелна уметност. Во таа смисла, Правилникот којшто е јавен и којшто го изработува Министерството за култура го изработува и според кој се доделуваат овие бенефиции не ги вклучува тие понови професии коишто кај нас и тоа како постојат во последните години“, вели Васева.
Инаку, Биљана Тануровска – Ќулавковски (дипломиран историчар на уметност и магистер по интеркултурализам, менаџмент во културата и културната политика, коосновач и директор на НВО „Локомотива“) и Ивана Васева (куратор на повеќе значајни изложби во земјава и во странство и член на Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија) досега заедно подготвиле повеќе проекти меѓу кои особено бележита е дискусијата/игра „Како да направиш фестивал со 100 евра и со еден милион евра?“ која, сем во Скопје и во Битола, беше претставена и во Љубљана. Со најновиот проект тие ја продлабочуваат зачнатата соработка во истражувањето, создавањето и изведувањето на нови формати на презентација и предавања на специфични теми на полето на културата.
Од друга страна, ова нивно предавање/презентација, како иницијатива изрти во рамки на проектот „Култура за граѓански промени“ на организацијата „ФРУ – Факултет за работи што не се учат“ - Битола/Скопје, кој, пак, е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество што го реализира Фондацијата Отворено општество – Македонија. Партнери на проектот „Култура за граѓански промени“ се Плоштад Слобода, Центар за современи уметности, Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и во културата и Фондацијата за развој на локалната самоуправа – Штип.