КИЦ Текстил – Култура во социјално-политички контекст

Со изведба на перформансот „Штипски гибања” на актерката Сања Арсовска, фотоизложбата од истоимената книга на Благој Самоников - „Она што беше КУД Македонка“, диџеј-сет на Вера Јанковиќ и концерт на ЕКВИНОКС ЏЕЗ ДУО, в петок, на 1 јули, од 19 часот, ќе биде промовиран Културно уметничкиот центар ТЕКСТИЛ од Штип, проект на уметникот и граѓански активист Филип Јовановски во соработка со организацијата ГЛАСНО.

„Библиотека на тркала“, Детско катче, „Текстилни АСТРАЛНИ проекции“, работилница на тема „Како до синдикално здружување?“, „Урбани уметнички акции“ - изложба во организација на ЦСУ Скопје, „Престап“ - проекција на филм за правата на луѓето со посебни потреби и нивната пристапност до јавните институции, работилница за цртање на детски читанки, Саем на книгата на Темплум, претставување на филмот/фото есеј „И фабриките имаат душа“ на Наташа Гелева и Јане Алтипармаков, јавна дебата „Улогата на женското тело во јавните институции“ со Славчо Димитров како модератор и учесничките Ивана Драгшиќ, Билјана Гинова, Румена Бужаровска, Вики Младенова и Марина Трајкова се само дел од активностите што е планирано да се обистинат на почетокот од делувањето на КУЦ „Текстил“ од Штип.

Станува збор за културно уметнички центар кој има за цел да организира активности кои се осмислени во соработка со повеќе штипјани и во насока на третирање на теми што се поврзани со локалната индустриска гранка – текстилот.

Главната оска на делувањето на овој центар, која го придвижува неговото функционирање, е двонеделната програма која обликува уметнички концепт замислен од уметникот Филип Јовановски. Говорејќи за него тој вели дека самото формирање на Центарот е неговото дело. Дело во процес. Дека поентата му е преку култура да создава некакви релации внатре во локалната заедница, сè со цел на подобрување на правата на жителите на таа заедница, во случајов на текстилните работници. Идејата е да се стори видливост на тој проблем, ојакнување на заедницата и нејзино рамноправно вклучување во носењето одлуки и самоорганизирање.

„Ја вадам културата од позиција на чиста култура и ја ставам во социјално-политички контекст. И обратно - нивните проблеми ги ставам во културен контекст. На тој начин, преку креирање на овој простор, на контекст, на платформа, ќе се обидам да создадам релации. Тоа е и целта на овој проект“, вели Јовановски.

Тој дополнува дека овој мал двонеделен уметнички поттик е всушност надоврзување на она што го започна со Мобилно-монтажна галерија, работата во заедници и како уметноста, со кои механизми, може да влијае и менува во истите тие заедници. Дека основата на проектот всушност е произлезена од системот на формирање и делување на културно-уметнички друштва во фабриките за време на социјализмот. Како пример за тоа наведува дека и „Макфест“, всушност, е продукт од делувањето на аматерите во КУД „Македонка“ од Штип.

„Денес имаме расцепкани комбинати, расцепкани работници. Нема простор за здружување и овој простор би требало да биде тоа – Центар кој ќе ги обедини и физички и според потребите текстилните работници. Дури и не само нив туку и воопшто жителите на градот, затоа и велиме КУЦ, бидејќи овде ќе се случуваат и содржини со чисто уметнички концепти“, вели тој.

Инаку, една од главните активности на Центарот е и работењето на организацијата „Гласно“ која се обидува да ги промовира, поттикнува и анализира правата и начините на организирање на текстилните работници во Штип и штипско со цел подобрување на нивните работнички и животни права.

„Нашата организација цели да го пренесе и артикулира гласот, или поточно крикот на работниците од текстилната и кожарската индустрија. Целите на „Гласно“ се да промовираме едукација и висока свест кај нив. Работниците самите да се изборат за употреба на нивните права онака како што тие се пропишани со законот“, истакнува Горан Трајков, кој заедно со Кристина Ампева ќе го менаџира просторот.

Трајков појаснува дека повеќе од 60 отсто од работниците во Штип се во текстилната и кожарската индустрија, дека слично е и во повеќето градови од Источна Македонија, што подразбира едно големо мнозинство, кое според него може да се нарече „тивко“, и од таму потребата тие како организација се именувале како „Гласно“ за да можат таквото „тивко мнозинство“ да го артикулираат во „гласно“ во своите барања до институциите на системот.

Конечно, Културно уметнички центар „Текстил“ е дел од проектот КЗГП (Култура за граѓански промени) на организацијата Факултет за работи што не се учат, во партнерство со Локомотива - Центар за нови инцијативи во уметноста и културата, Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип, Плоштад Слобода и Центар за современи уметности - Скопје.