Притисокот расте, партиите ќе попуштат

Владина делегација на средба со членовите на Државната изборна комисија.

Има придвижувања во прочистувањето на избирачкиот список, а се очекува да се напуштат и екстремно спротивставените позиции на партиите за медиумите. Расте и внатрешниот и надворешниот притисок партиите да ја прекинат статус-кво ситуацијата.

Работната група е на пауза поради партиската посета на ВМРО-ДПМНЕ во Брисел, но во Скопје работите со избирачкиот список почнаа да се придвижуваат.

Државната изборна комисија, го прифати предлогот на СДСМ за саморегистрација на 40.000 спорни гласачи кои имаат несоодветни адреси, а се бара компромис и за останатите 172.000 гласачи за кои опозицијата се сомнева дека се несоодветно внесени во списоците.

„Статус кво ситуацијата на никому не му одговара и ќе јакне притисокот од надвор и од внатре да се бараат вакви разумни решенија, оти јас не гледам ништо неразумно во ова што во моментов се разговара за избирачкиот список“, вели аналитичарот Сашо Клековски.

Според него партиите во скоро време ќе почнат да ги напуштаат и екстремно различните позиции за прашањето со медиуми. Тоа всушност е втората тема за која разговора работната група со посредство на амбасадорите на САД и Европската унија.

Аналитичарот Сефер Тахири смета дека ќе се најде решение за избирачкиот список и тој ќе биде исчистен, но попроблематична за регулирање е медиумската сфера. И да има компромис додава тој, нема да биде доволен за надминување на проблемите.

„Власта и опозицијата може да се договарат за балансираност во јавниот сервис, па дури и во другите медиуми, но тоа не е доволно за да се реформира целосно медиумскиот систем“, вели Тахири.

Евентуалната лидерска средба, пак, аналитичарите засега ја поврзуваат со доаѓањето на помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија Викторија Нуланд која според најавите ќе пристигне на 11 јули.

Според Клековски нејзиното доаѓање е одлична можност да се направи чекор напред.

„И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ полесно прават отстапки кога има вклучено странски медијатори, не затоа што тие ќе направат притисок, туку затоа што пред сопственото членство полесно се оправдува попуштањето“, вели Клековски.

Порака лидерите итно да се вратат на преговарачка маса стигна и од Брисел. Портпаролката на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, по неговата средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, рече дека лидерите веќе изгубија премногу време. Повеќе од итно е да се вратат на преговарачката маса и да го имплементираат Договорот од Пржино, рече Маја Коцијанчич.