Иванов - Против Македонија се води специјална војна

Претседателот Горѓе Иванов во денешното обраќање до нацијата, еден ден по гласањето во Собарнието за негово отповикување, повторно ја бранеше својата одлука. Истакна дека против Македонија се води специјална војна и го обвини СЈО за селективна правда.

Претседателот Горѓе Иванов во денешното обраќање до нацијата, еден ден по гласањето во Собранието за негово отповикување, повторно ја бранеше својата одлука посочувајќи дека со помилувањата превенирал одмазнички терористички акти за полицискатa акција во Куманово и други закани со кои се сочувала државата и оти спречил македонско - македонски судир. Тој истакна дека против Македонија се води специјална војна и кажа дека од разузнавачки извори бил информиран дека протестите биле планирани и без неговата одлука за аболиција.

„Мојата одлука предизвика нервоза кај одредени центри на моќ. Некои погрешно ги толкуваа моите намери. Многумина прашаа што сум мислел кога сум донел одлука за помилување. Зарем требаше да чекам да падне крв на улиците за да ја активирам армијата/? Да чекам да се крене рака Македонец на Македонец? Подобро е да се горат моите фотографии отколку институциите на државата“, изјави Иванов.

Иванов посочи дека денес, единствениот аболициран политичар во Македонија е Зоран Заев.

„Доколку не блефира, го охрабрувам, врз основа на законските измени да го одржи дадениот збор и да поднесе формално барање за повлекување на неговото помилување", рече Иванов во денешното попладневно обраќање пред јавноста.

Иванов, исто така, обвини дека правната држава ја нарушиле СДСМ и ДУИ.

„Правната држава ја нарушија лидерите на СДСМ и ДУИ. бидејќи уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнеме, да седнеме и да се договориме, туку трчаа во амбасадите на странските држави. Правната држава, сувереноста и независноста ги загрозија овие двајца неодговорни политички лидери кои придонесоа да го добиеме Договорот од Пржино и кои не се ни придржуваа кон тој договор", рече Иванов.

Во својот говор Иванов го обвини Специјалното јавно обвинителство дека наместо инструмент за правда се покажало како инструмент за уцена. Наместо Специјално обвинителство добивме селективно обвинителство“, рече Иванов.

„Од сите милион фајлови кои кажуваат дека ги имаат, ги одбра само оние кои се однесуваат на претставниците на власта, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Селективниот прогон на СЈО создаде мачна атмосфера во општеството. Јас и јавно прашав по која методологија се одбрани само тие случаи. Одговорот го даде лидерот на опозицијата Заев кој изјави дека Специјалното јавно обвинителство постапува исклучиво по пријави доставени од опозицијата. Значи, наместо Специјално обвинителство, добивме селективно обвинителство, кое е исклучиво во функција на опозицијата, истакна претседателот Иванов.

Претседателот Ѓорге Иванов во обраќање до јавноста на почетокот кажа дека се што било кажано од собраниската говорница, по предлогот на опозицијата за негова одговорност, ќе остане запишано како сведоштво за односот на пратениците кон државата и кон институциите.

„Дел од тие сведоштва се помилувањата од претходни претседатели за кои воопшто не беше покренато прашање за нивна одговорност. Ниту пак се покрена кога ни наметнаа привремено име кое се уште не фрустрира. Ниту пак за промената на државното знаме, Уставот и територијалната поделба на државата. Никој не одговараше за атентатот на еден претходен претседател и за неразјаснетите околности што доведоа до смртта на друг претседател. Наредните генерации ќе знаат дека во тоа време, на власт биле истите оние кои денес го покренаа прашањето за моја одговорност и кои го оспоруваат мојот легитимитет", рече Иванов во попладневниот говор.