Достапни линкови

Ултиматумот истекува, ВМРО-ДПМНЕ слави роденден


В сабота истекува ултиматумот кој го поставија Шарената револуција и СДСМ. Уставниот суд не ја стави иницијатива за СЈО на дневен ред ниту на наредната седница. В недела пак, владејачката партија прославува роденден.

Меѓу шесте точки на дневен ред кои денеска на својата интернет страница ги стави Уставниот суд не се најде иницијативата за разгледување на Законот за специјалното јавно обвинителство. Тоа значи дека оваа точка нема да се биде на седницата закажана за идната среда, 22 јуни.

Изјаснувањето на Уставниот суд за СЈО е едно од двете ултимативни барања кои ги поставија Шарената револуција и СДСМ и побараа да се исполнат до 18 јуни.

Тој рок истекува истекува в сабота, а покрај изјаснувањето за уставноста на СЈО се бара и да престане полицискиот прогон врз антивладините демонстранти. Ниту едно од овие како што нагласија ултимативни барања не е исполнето, а на демонстрантите веќе неколку дена веднаш по собирите полицијата им изрекува прекршочни пријави па се очекуваат активности од антивладините струи.

Идеја и дело посилни од се – под ова мото ВМРО-ДПМНЕ в недела во 20 часот ќе го прослави 26 роденден на партијата. Прославата, според најавите ќе се одржи пред Музејот на ВМРО во Скопје, објави партијата на своите профили на социјалните мрежи.

Засега не се знае што точно ќе прави опозицијата и Шарената револуција в недела, ден по истекот на ултиматумот и дали евентуалниот собир би бил тој ден или пак некои од следните. Но нивните досегашни најави беа дека ако не се испочитува ултиматумот – 18 јуни, граѓаните ќе ја земеле демократијата и слободата во свои раце.

И претседателот на СДСМ Зоран Заев на прес конференција минатата недела ги поддржа ваквите барања.

„Уставниот суд да ја потврди уставноста на Законот за Специјално јавно обвинителство! Сите приведени граѓани коишто протестираа треба да бидат ослободени и да запре прогонот врз демонстрантите! Само ако се исполнат овие два чекори, договорот од Пржино може да преживее “ рече Заев.

Покрај овие барања за кои рокот е до сабота Шарената револуција бара и оставка од актуелната влада, формирање преодна влада која ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори, формирање на специјално одделение во кривичниот суд за случаите на СЈО, вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и оставка од претседателот Ѓорѓе Иванов.

Дел од овие прашања неделава се и теми на разговор меѓу партиските претставници и амбасадорите на САД и ЕУ во резиденцијата на унијата во Пржино. Помрднување, како што се информира, засега има кај избирачкиот список, а на маса се и условите за фер избори, составот на владата која би ги спровела, датумот за избори, медиумите и други прашања.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG