Шарената револуција ги договара следните чекори

Анти владините демонстранти бараат Уставниот суд да се изјасни за уставноста на СЈО, да прекине полицискиот прогон на демонстрантите и да се формира техничка влада за спроведување фер, демократски и кредибилни избори.

По вчерашните масовни протести на Шарената револуција, во движењето „Протестирам“ велат дека се координираат за чекорите кои ќе ги преземат во иднина и дека во наредните денови ќе излезат со план на дејствување.

Откако властите не ги исполнија нивните барања во дадениот рок, 18 јуни, поддржувачите на Шарената револуција излегоа на улиците за да го искажат својот револт. Тие пред Владата уште еднаш ги повторија нивните барања - Уставниот суд да се изјасни за уставноста на СЈО, да прекине полицискиот прогон на демонстрантите и да се формира техничка влада за спроведување фер, демократски и кредибилни избори.

Активистот Павле Богоевски пред насобраните пред Владата порача дека сите се дел од промената и оти гласот на граѓаните мора да се чуе.

„Гласот на граѓаните мора да важи и тоа не само на улица. Не само во Собрание. Не само на дебати и каде што се појавуваат експерти. Во сите процеси кои се од нивен интерес“, рече Богоевски.

Тој додаде дека граѓаните и партиите ќе продолжат заедно.

„Сите партии, сите граѓани, групи и движења, невладини организации кои ја кренаа раката и гласот против овој режим. Против ова злосторничко здружение“, рече тој.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Граѓаните бараат правда

Шарена револуција доби поддршка и од опозицијата и нејзините поддржувачи. Во СДСМ велат дека остануваат на нивните барања, односно прочистувањето на избирачкиот список, реформи во медиумите, Уставниот суд да се изјасни за законитоста на СЈО, како и вклучување на граѓаните во преговорите и формирање преодна влада за спроведување на избори. Од опозицијата посочуваат и дека нема никакво придвижување во однос на преговорите меѓу политичките партии и во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните во наредните денови, ќе ги најават нивните следни чекори, бидејќи сега сè уште е рано за тоа.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема најава за нова лидерска средба за излез од кризата. Тие гo осудуваат, како што велат, вандализмот за време на протестите на Шарената револуција.

Од Шарената револуција истакнаа дека нема да се откажат и отпорот ќе продолжи сè додека не се најде разрешница за кризата.