Блед говор без идеја на човек кој не знае како да ја извлече Македонија од криза. Вака со една реченица професорот Никола Дујовски го опишува обраќањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на прославата на 26 партиски роденден.
Наместо да понуди идеи како да се надмине кризата, тој уште повеќе ја продлабочува што значи дека не е свесен во каква ситуација е, смета професорот.
„Тој всушност само ја следи политиката на која што, претпоставувам, самиот е креатор, на оцрнување на сè во оваa општество што не размислува како претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Не гледам дека може да промени што било и дека со овој говор ќе ги поттикне неговите поддржувачи да излезат на улица наспроти другите кои не се воопшто за потценување“, вели Дујовски кој е убеден дека немало да се случи сценарио народ против народ.
Според Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии говорот на Груевски е говор на неодговорен политичар.
„Ваков начин на говор и вакви јавни обраќања на големи настани, како што е роденденот на неговата партија, употребуваат политичари кои имаат недостаток на демократски капацитет, кои се авторитарни и кои го гледаат народот како свое членство, но не и народ кој е различен и има плурализам на мислења“.
Груевски вчера рече дека сè повеќе како претседател на ВМРО-ДПМНЕ бил под притисок на илјадници граѓани кои на различен начин го контактираале барајќи поддршка за поодлучна народна акција. Овој дел од говорот наиде на аплауз кај насобраните и извикување „Никола, Никола“.
„Дека ако вака продолжат, колку и јас и моите соработници да сме толерантни и наколонети кон решавање на проблемите преку дијалози, демократски методи, нема да можам да ја држам ситуацијата под контрола, дека народот врие и дека во еден момент може да му дојде преку глава и да влеземе во нова фаза, која нема да е добра за земјата, а најмалку за оние кои глумат некакви револуционери за дебели пари и за туѓи интереси“, рече Груевски.
Тој го критикуваше и Специјалното јавно обвинителство нагласувајќи дека отвораат празни истраги без елементарни докази и дека вршеле притисок врз Судот. Според Трајкоска ваквото однесување е како што вели и лицемерно, бидејќи партискиот врв седи и преговара со меѓународниот фактор и за реализирање на пржинскиот договор чиј производ е обвинителството.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5