Додека траеше прославата на 26-тиот роденден на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Музејот на ВМРО и жртвите на комунизмот, на Камениот мост беше уапсен активистот од Шарената револуција Павле Богоевски при обид за герила акција.
Имаме извршители на сериозни кривични дела во серија и во повторување, коишто упорно седат на слобода, коишто судовите не можат да се дрзнат да им определат мерка притвор. Тие сторители се фамилијата која е на власт, злосторничко здружение.Павле Богоевски, активист на Шарената револуција
Тој заедно со група активисти се обидуваше да постави седумметарско платно со саркастични пароли на мостот. По неколку часа поминати во полициската станица Пролет, Богоевски излезе со транспарентот и со една прекшочна пријава поради непочитување на наредба на овластено службено лице.
„Тоа не е проблемот, проблемот е што ова уште еднаш ги покажува двојните аршини на селективата правда на власта. Значи имаме луѓе коишто доаѓаат со платно од седум метри да го пуштат по кеј и вие ги апсите, ги врзувате, ги казнувате по наредба, а од друга страна имаме извршители на сериозни кривични дела во серија и во повторување, коишто упорно седат на слобода, коишто судовите не можат да се дрзнат да им определат мерка притвор. Тие сторители се фамилијата која е на власт, злосторничко здружение“, рече тој.
Пред полициската станица, активистите го извадија и платното поради кое беше уапсен Богоевски.
Претходно, на улицата пред полициската станица, неколку стотини демонстранти извикуваа „Шутка не ти бега, Никола“ и „Слобода за Пајо“. Тоа беше единствената улица на која беше исклучено уличното осветлување.
Во меѓувреме, во Музејот се оддржуваше прославата на 26-тиот роденден на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на партијата Никола Груевски,, со високото државно и партиско раководство, во мирна атмосфера го прослави роденденот. Груевски во својот говор посочи дека партијата го оправдала префиксот ВМРО и дека СДСМ делува недржавнички, а СЈО може да се смета за коалиционен парнер на СДСМ.
„Се губи трепението кај народот поради неправдите кои ги гледа. Се повеќе, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, сум под притисок на илјадници граѓани кои на различен начин ме контактираат барајќи поддршка за поодлучна народна акција, дека ако вака продолжат, колку јас и моите соработници да сме толерантни и наклонети на решавање на проблемите преку дијалог и демократски методи, нема да можам да ја држам ситуацијата под контрола. Народот врие“, рече Груевски во својот говор.
Покрај него, на роденденот беа присутни и дел од министрите и пратениците. Отсуствуваше поранешната министерка Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за финасиии Зоран Ставрески.