Преговорите меѓу партиските претставници се прекинати, Уставниот суд не ја стави на дневен ред точката за разгледување на законитоста на Специјалното јавно обвинителство, а Шарената револуција повика на масовен протест во понеделник.
„Преговорите се прекинати. Секогаш кога ќе дојдеме до двете болни теми за ВМРО-ДПМНЕ, а тоа се прочистување на Избирачкиот список, односно 330.000 спорни записи и регулирање на медиумската сфера, во тој момент доаѓа до прекин на преговорите од страна на ВМРО-ДПМНЕ“ рече портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
Преговорите се прекинати. Секогаш кога ќе дојдеме до двете болни теми за ВМРО-ДПМНЕ, а тоа се прочистување на Избирачкиот список, односно 330.000 спорни записи и регулирање на медиумската сфера, во тој момент доаѓа до прекин на преговорите од страна на ВМРО-ДПМНЕ
Тој додаде дека во разговорите кои досега се водеа во резиденцијата на ЕУ во Пржино, со посредство на амбасадорите на Европската унија и САД се разговарало за избирачкиот список и регулацијата на медиумите и не прецизираше дали има на повидок лидерска средба.
Откако Уставниот суд на својата интернет страница го објави дневниот ред за седницата што треба да се одржи во среда и стана јасно дека меѓу шесте точки не се најде иницијативата за разгледување на Законот за специјалното јавно обвинителство, Шарената револуција повика на масовен протест.
Во објавата на социјалните мрежи се повикуваат сите слободоумни граѓани на 20 јуни во 19 часот на масовен протест пред Специјалното јавно обвинителство во Скопје.
„По одлуката на Уставниот суд да не го стави СЈО на дневен ред ниту за следната своја седница, очигледно е дека Груевски и неговите соработници се обидуваат да го укинат СЈО кога најмалку ќе очекуваме. Нашите ултимативни барања не беа исполнети“ наведуваат од Шарената револуција.
Покрај ова барање и другото - да престане како што велат прогонот на демонстрантите не е исполнето.
“Не може да има правда во државата, кога режимот врши прогон врз оние кои се борат за слобода, правда и еднаквост“ велат од Шарената револуција.
Со најавата за протест во понеделник всушност ќе се избегне можноста во ист ден да се соберат во Скопје поддржувачите на владејачката партија и антивладините демонстранти.
Идеја и дело посилни од се – под ова мото ВМРО-ДПМНЕ в недела во 20 часот ќе го прослави 26 роденден на партијата. Прославата, според најавите, ќе се одржи пред Музејот на ВМРО во Скопје, објави партијата на своите профили на социјалните мрежи.
На шести јуни Шарената револуција, а ден подоцна и СДСМ побараа двете ултимативни барања да се исполнат до 18 јуни, рок кој истекува в сабота. Потоа како што најавија граѓаните ќе ја земеле демократијата и слободата во свои раце.