Објавата за големите нарачани слики за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на кои се насликани актуелното и поранешното раководство беше и мото на денешниот протест на Шарената револуција. На чело на колоната се носеше транспарент на кој пишуваше „нашата уметност е бесплатна“, а демонстрантите имаа и копија од една од сликите, кои како што беше објавено се нарачани за партиското седиште и врз насликаното раководство имаа нацртано решетки.
Зградата на Владата вечерва повторно доби боја, а насобраните секој добро погоден балон го поздравуваа со овации.
Потоа поминаа покрај Министерството за правда, па преку улицата Македонија и низ плоштадот продолжија кон Собранието. За најуспешните демонстранти во гаѓањето кон зградата на пратеничкиот дом вечерва имаше медали и како што самите се нарекоа тие биле шарена артилериска единица.
Марјан Ненов, еден од граѓаните кои протестираат пред Регулаторната комисија за енергетика поради тоа што се оштетени со парното греење, тврдеше дека постои криминал во компанијата и власта.
„Не сум сам со мене има и други соборци. Вечерва ќе ви кажам збор, два за криминалот и за еволуцијата. Дали знаете дека со секој поминат ден нивната сметка во банка е се поголема и поголема , дали знаете дека додека ние протестираме тие прават планови за некаков си парк на мајмуни во Аеродром“, рече Ненов.
Според Александар Кирацовски од СДСМ, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски досега отстапил од многу свои ветувања, па така како што рече ќе се формирала и нова влада.
„Вие тука присутните од Шарената револуција од распуканиот бетон на Никола Груевски направивте прашина, бетонот на Никола Грувески целосно се распрсна. Ништо повеќе не им поминува, ништо повеќе не им врви. Се што кажаа излажаа, од се што ветија се повлекоа“, рече Кирацовски.
Вообичаено демонстрантите тргнаа од пред просториите на Специјално јавно обвинителство порачувајќи дека се заедно се додека не се исполнат нивните барања меѓу кои се и целосно укинување на аболицијата за која одлука донесе претседателот Ѓорге Иванов , неговат оставка и формирање техничка влада која треба да создаде услови за фер и демократски избори. Протестите почнаа на 12 април, кога и Иванов ја објави одлуката и континуирано траат повеќе од месец и половина.