Казните и заканите ќе ги интензивираат протестите

Заплашувањата кон учесниците на Шарената револуција се контрапродуктивни, велат демонстрантите. Со чекорите што ги презема власта протестите само уште повеќе ќе добијат во интензитет, додаваат тие.

И покрај сите обиди на власта да ги задуши протестите на Шарената револуција со казни и давање изјави во полициски станици, демонстрантите велат дека таквите настојувања се контрапродуктивни за владата, бидејќи на тој начин се зголемува револтот кај луѓето. Според членовите на Левица, кои побараа укинување на куќниот притвор за нивните двајца членови, се работи за политичка одлука за ослабување на партијата и на протестното движење.

Ваквиот куќен притвор е политичка мерка со цел да се ослабне Левица и протестното движење. Случувањата во последните неколку денови кога беа приведувани и повикувани на информативен разговор и легитимирани учесници во протестите потврдуваат дека тоа е така.
Бранимир Јовановиќ, Левица.

„Ваквата мерка е престрога со оглед на доказите и со оглед на тоа што тие немаат претходно сторени кривични дела. Ваквиот куќен притвор е политичка мерка со цел да се ослабне Левица и протестното движење. Случувањата во последните неколку денови кога беа приведувани и повикувани на информативен разговор и легитимирани учесници во протестите потврдуваат дека тоа е така“, изјави Бранимир Јовановиќ, член на партија.

Во меѓувреме судењето на членовите на Левица Здравко Савески и Владимир Куновски обвинети за демолирање на канцеларијата на Иванов повторно е одложено. Одбраната на обвинетите се уште не го добила вештачењето со што не може да ја подготват листата докази за денеска. Двајцата демонстранти кои се товарат за демолирање на Народната канцеларија на Претседателот се во притвор 36 дена.

Судски процес против членови на Левица.

Претходно приведениот демонстрант, возач на возилото што ги предводи маршовите на „Шарена револуција“ во Скопје, ноќта беше пуштен на слобода откако е извршен претрес на возилото по обезбедениот судски налог, на кој се чекаше неколку часови.

Оваа година има четворица луѓе на кои им е изречена мерка притвор, истакнува Уранија Пировска од Хесиншкиот комитет, укажувајќи дека во сите дејствија кои ги презема полицијата во последниот период нема никаква правна логика. Тие информативни разговори, како што вели, Пировска се незаконски исто како и снимките врз основа на кои тие ги повикуваат луѓето на информативни разговори бидејќи фрлале боја врз јавни објекти во Скопје.

Јасно е дека за дело за кое се товари Савевски ниеден ни би одредил притвор, вели Пировска.

„Ние ги бележиме сите случаи. Постојано ми се јавуваат луѓе дека биле легитимирани од луѓе од полицијата, најчесто алфи кои во цивилки ги следат после протестите, бараат да ги идентификуваат при тоа не кажувајќи ја причината за вакви дејствија. Сето тоа е противзаконски. Сметам дека со ваквите дејствувања протестите само уште повеќе ќе добијат во својот интензитет, без оглед на тоа што ќе преземе власта понатаму.“

Александар Донев активист од движењето Протестирам вели дека легитимирање лица, следење демонстранти после протестите, заплашувања и најновиот пример со комбето што го носи звукот, очигледно е дека се форма на заплашување. Но битно е граѓаните да останат присебни и храбри и ова да не ги заплашува, вели Донев.

„Најтемно е пред зората. Ова се тажни обиди на овој режим за да успее ако нешто може да спаси. Очигледно дека Шарената револуција и сите слободоумни граѓани кои секојдневно протестираат се нешто што не може да го запрат, зошто не може да убијат идеја. Така што се гледаме во шест.“

Активистите исто така рекоа дека во период од месец и половина колку што траат протестите не е забележано насилство и оти граѓаните го искажуваат револтот со фрлање боја врз објекти кој е изградени со нивните пари. Тоа е револт против криминалите на оваа власт, рече Пировска.