Пировска и Најчевска го признаваат бојосувањето, но не и вина - информира Утрински, откако по професорот Калајџиев и универзитетската професорка и претседателката на Хелсиншкиот комитет беа повикани на информативен разговор поради фрлање боја за време на протестите.
Заев со Шекеринска, Шилегов и Цаноски фрлаше боја на Министерството за правда.Дневник
Утрински исто така информира дека демонстрантите на протестот пред СЈО во средата „потпишуваа изјави дека и тие, во знак на протест, фрлале боја врз ѕидовите на институциите“.
„Заев со Шекеринска, Шилегов и Цаноски фрлаше боја на Министерството за правда“ - објави Дневник, а Вечер излезе со наслов: „Платеничката револуција преоѓа во анархија“, наведувајќи дека „Најчевска фигурира на списоците на лицата вклучени во платеничката револуција на СДСМ и не ни влезе во полициската станица Беко“.
Слободен печат излезе со следниов наслов: „Осудените демонстранти прашуваат: Каде е Иванов и нас да нè помилува?“.
Утрински информира: „Невладините му се налутија на амбасадорот Орав – дијалог да, но не со тие што повикуваат на употреба на гумени куршуми – му порачаа дваесетина невладини на амбасадорот на ЕУ“, кој во средата сакаше да организира состанок со невладините во протестите и со ГДОМ. Слободен печат наслови: „Господине Орав, зарем со овие треба да се преговара за кризата?“, под карикатурите на Пандов, Миленко и Тони Михајловски од ГДОМ, а над нив Груевски седнат на фотелја врз еден антички столб. Дневник оваа неостварена средба ја нарече „дебата“, заедно со интервјуто на Пандов во кое вели дека „Соросовите шарени знаат да кршат, не да дебатираат“.
„Иванов речиси сигурно ќе се спаси од импичмент“, насловува Утрински откако СДСМ и ДУИ со 50 потписи поднесоа иницијатива во Собранието да се разгледува потегот со аболицијата што ја потпиша Ѓорѓе Иванов. За импичмент, инаку, е потребно двотретинско мнозинство од 82 гласа. Одлуката на Уставен да се поништи одлуката за распуштање на Собранието ја објавија сите печатени медиуми. Утрински ги објавува реакциите на СДСМ, дека: „Уставниот суд потврди дека распуштањето на Собранието не било уставно“ и на ВМРО-ДПМНЕ дека: „Ќе ја почитуваме одлуката на Уставниот суд“.
По повод празникот на сесловенските просветители, Кирил и Методиј, Нова Македонија повикува „Да ги негуваме македонските букви на кирилицата“, потсетувајќи дека на билбордите и фирмите доминира латиницата, а неретко се користат кирилични фонтови од туѓи јазици, како бугарскиот и рускиот, наместо од македонскиот.