Столбовите пред Владата и зградите на Министерството за правда и на Собранието вечерва беа повторно обоени од демонстрантите од т.н. Шарена револуција. Неколкумина демонстранти ја поминаа заштитната ограда пред зградата на Владата и ги обоија столбовите, а потоа насобраните граѓани се упатија кон Министерството за правда. Таму зад кордонот полицајци демонстрантите со пластични пиштоли ја обоија и таа институција и напишаа “Ова сега ќе биде министерство за правда”. Со скандирањата "не се плашиме од заканите ваши" тие стигнаа пред Собранието кое повторно беше гаѓано со боја со помош на големиот чатал. „Нема правда нема мир“ на македонски и на албански јазик напишаа демонстрантите на тротоарот пред пратеничкиот дом.
Рената Јајоска од СДММ рече дека Македонија станала рекорд по иселување на младите и дека во земјава се вработувало со партиска книшка, а не со диплома.
„Оваа порта што ја гледате чини десет милиони евра. За десет милиони евра замислете каков студентски град ќе направевме, но не тие не инвестираат во иднина, тие инвестираат во минато, во гипс и стиропор “ рече Јајоска.
Пратеничката од СДСМ Лидија Димова во контекст на препукувања со владејачката партија за имотот на функционерите нагласи дека власта била таа која можела да биде корумпирана а не, како што рече опозицијата.
„Бидејќи многу работи се чудни во нашата држава, почнале да викаат се живо и диво на информативни разговори па белки ќе се информираат и ќе знаат нешто повеќе. Јас денеска на интернет ја побарав наједноставната дефиниција за што е тоа корупција. И добив наједноставна дефиниција- корупција е нечесно и измамничко однесување на власта. Што од ова не им е јасно на нашите властодршци јас не знам “рече Димова.
На чело на колоната вечерва се носеше транспарент на кој пишуваше „Став наместо страв“ а на почетокот беа и куклите со ликовите на неколкумина функционери од ВМРО-ДПМНЕ облечени во затворска облека и ставени во кафез.
За утре Шарената револуција преку својата страница на социјалната мрежа Фејсбук повика на собирање пред полициската станица Беко во 8. 45 поради тоа што активистките Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права и професорката Мирјана Најчевска се повикани да дадат изјава поради учество во протестите.
Неделава во полиција беше повикан и професорот од Правниот факултет Гордан Калајџиев кој е и претседател на Хелсиншкиот комитет и беше казнет со 50 евра или општо-корисна работа бидејќи го прекршил Законот за јавна чистота фрлајќи боја за време на протестите.
Од минатиот месец од кога почнаа протестите поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да помилува 56 политичари и лица поврзани со нив судски процес за демолирање на канцеларијата на Иванов се води против Здравко Савески и Владимир Куновски од Левица кои се во куќен притвор.