„Трајко бара боја“ - извикуваа демонстрантите додека со балони со боја преку специјален чатал гаѓаа кон новата фасада на Собранието. Учесниците на популарно наречената Шарена револуција со овации го поздравуваа секој погодок со боја на фасадата. Тие во разни бои го обоија и пешачкиот премин пред Собранието. Чаталот им послужи да ја обојат и зградата на Владата која е оградена со ограда, па досега тешко достигаа балоните со боја до фасадата. Демонстрантите на столбовите на владината ограда испишаа слобода.
„Во деведесеттите години се боревме за плурализам, сега повторно треба да се бориме за истото“, рече во својот говор пред Владата, Ратка Димитрова, пратеничката од првиот состав на Собранието и основач на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ.
Аналитичарот Исмет Рамадани, пак, смета дека власта се бори само за аболиција.
„ Али Ахмети им е стројник во барањето аболиција“, рече во својот говор Рамадани.
Пред насобраните се обрати и активистот за правата на ЛГБТИ заедницата, Љуми Бекири.
„Не е срамно да љубиш некого од ист пол, срамно е да лажеш, крадеш, да бидеш вмровски функционер или нивен поддржувач“, рече тој.
Пред Владата на разглас се пуштаа и снимки од „бомбите“ на опозицијата.
Претходно демонстрантите со боја повторно ја обоија Триумфалната порта, дел од контроверзниот проект Скопје 2014. Овојпат ја обоија задната страна, односто страната од плоштадот и оставија графити со пораките „Исчистете го ова“ и „Слобода, неместо страв“. Дел од демонстрантите го обоија и споменикот на Прометеј кој е ограден со ограда за да го исчистат властите од претходните боења. А од графитите Илирида, Шарената револуција остави само Лири, што на албански значи Слобода.
„Избори без избор нема да дозволиме“, „Мафија на робија“, „Ако различноста е болест, сите сме болни“, „Ж ќе гласаш еден ден порано“ , се само дел од транспарентите во рацете на демонстрантите.
На денешниот протест пред Собранието и пред Владата илјадниците демонстранти побараа прво да се спроведат реформи, па дури потоа да има избори. Тие бараат правда, слобода и демократија. Тие, како што велат, бараат мафијата да биде казнете, а граѓаните да одлучуваат за иднината на Македонија. Демонстрантите велат дека нема да се откажат од борбата.
Во најавата на протестот на социјалните се наведува дека тие меѓу тоталитарно мракобесие или улица, ја одбрале улицата.
„И затоа ви порачуваме: раскомотете се, ова ќе биде пеколно лето! #Протестирам полека ќе станува #блокирам, #окупирам и секојдневно го #менувамсистемот!Еднопартиски избори нема да дозволиме. Нема да им дозволиме ни да избегаат со украденото, а камо ли да останат во земјата несоочени со правда“, велат од Протестирам на социјалните мрежи.
Граѓаните во Скопје како и секој ден во изминатиот период во 18 часот се собраа пред Специјалното јавно обвинителство, за да изразат поддршка на оваа институција. Поворката која на чело носеше големи транспаренти со пораката „Шарам, правда барам“ и „Молкот е еднаков на смрт“ продолжи да маршира првин кон Собрание, па преку плоштадот Македонија кон Влада.
Денеска освен во Скопје, се протестира и во Битола, Струмица, Прилеп, Охрид, Кочани, Чешиново-Облешево со блокади и за првпат во Неготино.